Обвинител на краток синџир

Владата нема рок и ако одлучи, предлогот за разрешување на Коцевски може да го извади како ас од ракавот и да го поднесе до Собранието.

Јавните обвинители од тимот што ја води предистражната постапка континуирано преземаат истражни дејства за обезбедување докази, распити, анализи и вештачења од голем обем. Меѓутоа, за да се зачува тајноста на постапката и да се спречи компромитирање на доказите, Обвинителството не е во можност да открива повеќе детали. Ова е последниот оскуден одговор од Обвинителството по околу дваесетина дена од најголемата трагедија што ѝ се има случено на Македонија, а републичкиот обвинител Љупчо Коцевски веќе не се појави во јавноста.

Откако со премиерот и со министерот за внатрешни работи ја нахранија јавноста со информации за истрагата, истите информации им ги „оправдаа“ функциите на двајцата високопрофилни политичари, истрагата е сега тајна и со најава. Дека за секого за кого ќе има докази да биде уапсен, а не да биде линчуван, ќе има правда.

Но, засега од она што може да го види јавноста не е правда, туку калкулации со изумрени генерации. Калкулации не само за зачувување на функциите на Тошковски и на Мицкоски, туку и за разнишаното место на Коцевски, кој по трагедијата се држи на краток синџир.

Синџир чии алки може да се додаваат или одземаат за да ѝ бидат таман само на власта. Мицкоски ја почна војната против Коцевски и обвинителите, Мицкоски ја стави на пауза, но Мицкоски и ќе одлучи дали ќе ја заврши со „убиство на водачот“. А во позадина очигледно во тек е силна одбрана водачот да не биде „убиен“.

Кога премиерот ја стопираше постапката за него, Советот на јавни обвинители случајно или не следниот ден кога требаше да даде позитивно или негативно мислење за разрешувањето на Коцевски, снема кворум. Откако ја слушнаа Владата дека сепак ќе го чека мислењето на Јавнообвинителскиот совет, но предлогот за негово разрешување нема да го достави до Собранието, Советот се состана со спремен кворум и мнозинството застана зад него.

Едногласно ја исклучија јавноста и не слушнавме како Коцевски ѝ одговорил на Владата, но и не ги слушнавме аргументите на членовите на Советот зошто биле „за“ или „против“ негово разрешување. Па до премиерот не стигнаа јавно пораките од обвинителот дека не сторил никаква дисциплинска повреда и образложенијата од мнозинството зошто Коцевски сторил повреда.

На пауза продолжи да биде тивок исто како што беше и кога премиерот ги навредуваше обвинителите дека за клучни истраги ги фаќало пролив, имале добиено или имале температура. Тоа за него беа политички изјави, а во меѓувреме како на лента отвораше случаи по допрениот глас на премиерот, кој пак не беше задоволен од тивкиот и послушен обвинител.

Малку задоволство и пофалби за обвинителот кажа по трагедијата, кога беше јасно дека одговорноста и тоа како може да се бара и кај власта. Го пофали дека е во многу добра координација со министерот за внатрешни работи.

Ги уапсија поранешниот министер, поранешниот директор на Пазарната инспекција, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, поранешни началници и инспектори што потпишувале документи за дивата шупа, но не најдоа докази за началниците што министерот само ги разреши, а кои се сликале со поранешни лидери на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и биле на партиски состаноци.

А според законот за полиција, началникот на секторот за внатрешни работи го назначува и разрешува министерот од редот на вработените, во транспарентна постапка. Началникот на секторот за внатрешни работи, за својата работа непосредно е одговорен на директорот на Бирото за јавна безбедност, кој сега на секоја прес-конференција стои послушно до министерот. Командирот во полициската станица на подрачјето на една општина го избира Советот, со мнозинство гласови.

Се избира меѓу тројца кандидати што ги предлага пак министерот за внатрешни работи. Значи, тие разрешени началници и командири биле избрани и назначени со амин на министерот, но за оние што водат директно до врвот на МВР, сè уште нема докази. Иако по нивна наредба би требало да биде спроведен оперативниот план за акциска контрола во дивата дискотека, каде што полицајците кобната вечер ловеле малолетници. Од актуелните во притвор е само градоначалникот Папазов.

По малата пофалба, Коцевски доби и уште една опомена од Мицкоски. Дека стопирањето на неговото разрешување не е трајно. Владата нема рок и ако одлучи, предлогот за разрешување на Коцевски може да го извади како ас од ракавот и да го поднесе до Собранието. Па правдата за изгорените деца во партиската штала може да биде „предадена“. Затоа што кога ќе се спомне селективната правда, Коцевски пак станува обвинител од тефтерчињата на СДСМ и ДУИ.

Или обвинителот станува „доминус литис“, што би рекол министерот Тошковски, тој е господар на истрагата. И во нормална држава Коцевски навистина е „доминус литис“, фигура што е господар на правдата за секоја власт, а не уценета фигура по геноцидот за кој јавноста вреска за правда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот