
Обновени бараките што изгореа на „Партизанска“: Наместо научна дејност ќе се служат бургери и пијалаци
Според јавно достапните податоци на Агенцијата за катастар, намената на објектите кои се наоѓаат на оваа парцела е за деловни зградиа вон стопанство, поточно за научни институции. Како тогаш, кој и зошто дозволил една од обновените бараки да прерасне во угостителски објект е сосема нејасно.
На местото на бараките на булеварот „Партизански одреди“ спроти бензиската на „Макпетрол“, кои изгореа пред осум години, а во кои дотогаш беа канцелариите на Заводот за урбанизам и архитектура и на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, веќе се изградени нови бараки, а во тек е уредување на просторот. Локацијата каде се одвиваат градежните активности е оградена со лимени тараби, на кои нема никаква табла со известување што се гради и изградило, ниту пак каква намена ќе имаат новите објекти.
Препорачано
Токму тоа во изминатиот период беше причина за загриженост на карпошани дали и на овој простор ќе се гради зграда или не, а деновиве пак се води дискусија околу пренамената на дејноста која ќе се одвива таму. Затоа што, без сомнение во една од бараките наскоро ќе биде отворен ресторан, судејќи по масите и столчињата поставени пред еден од објектите, а и според објавата на еден угостителски објект, од каде се пофалија на социјалните мрежи дека наскоро од „Илинденска“ се селат на „Партизанска“ број 89, дека на располагање ќе им се 3000 метри квадратни и паркинг во дворот.

На прашањето до Општина Карпош што и кој гради на просторот кај изгорените бараки, дали е издадена дозвола за градба и кој е инвеститор, оттаму велат дека станува збор за обнова на објектот, за што не е потребно одобрение за градба.
Општина Карпош нема дадено одобрение за градба, туку до општината е поднесено техничко решение, согласно член 77 став 1 и став 2 и член 78 од Законот за градење, кои законски му овозможуваат на сопственикот да врши обновување на објектот (кој претходно беше опожарен) и враќање во првобитна состојба врз основа на проект за обновување – велат од Карпош и додаваат дека во поднесената документација е наведено дека се обновува деловниот простор како што било и претходно.
Во став 1 од член 78 од Законот за градење, на кој, меѓу другото, се повикуваат од Општината е прецизирано дека „Проектот за обновување на објектот или на дел од објектот, содржи техничко решение и опис за начинот на обновување на објектот или негов дел, прикажано како постојна состојба и обновена состојба, со што нема да се влијае на стабилноста на земјиштето или на исполнување на основните барања на соседните објекти, како и транспортот и згрижувањето на градежниот отпад што се отстранува и уредувањето на градежна парцела“.

Според јавно достапните податоци на Агенцијата за катастар, намената на објектите кои се наоѓаат на оваа парцела, 2791/1, е за Деловни згради вон стопанство, поточно за научни институции. Сопственик на земјиштето е Заводот за урбанизам и архитектура. Како тогаш и зошто е дозволено една од обновените бараки да прерасне во угостителски објект, е сосема нејасно.
Од Општина Карпош велат дека тие не даваат дозвола за дејност, дека тоа не е нивна надлежност.
На прашањето до Министерството за економија дали издале лиценца за отворање ресторан во една од обновените бараки на булевар „Партизански одреди“ број 89, каде според ДУП треба да се врши научна и образовна дејност, засега нема одговор.
