Запуштен и напуштен објект на јужен булевар во центарот на Скопје / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Објектот-депонија на Јужен булевар ќе се урне и на негово место ќе се изгради нова зграда

Напуштениот објект на Јужен булевар во сопственост на поранешен ПУИГ, кој до неодамна беше преполн со ѓубре наскоро, како што беше најавено, ќе се урне и ќе стане градилиште каде за три години треба да изникне нов станбен објект.

Руинираниот напуштен објект лоциран на Јужен булевар веднаш по вкрстувањето со булеварот Кочо Рацин, во непосредна близина на основното училиште „Димитар Миладинов“, кој до неодамна беше преполн со ѓубре, шут и остатоци од мебел, конечно е заграден со метална ограда за да се спречи во него да влегуваат бездомници и да се пали ѓубрето.

Од Општина Центар деновиве информираа дека вршат засилени контроли по градилиштата за справување со аерозагадувањето и на објектите кои ја загадуваат животната средина и, меѓу другото, накусо објаснија што се случува моментално со напуштената зграда, која е во сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, односно поранешен ПУИГ .

Надзор е спроведен на локацијата на Јужен булевар во напуштен објект кој претставуваше црна точка каде што имаше пријави од граѓани за палење на отпад. Со наредба од надлежен инспектор објектот е заграден со метална ограда и спречено е понатамошно палење и загадување на воздухот – соопштија од Центар.

Фото: Општина Центар

„Слободен печат“ неколкупати пишуваше за руинираната и преполна со ѓубре зграда во изминатата година по реакции на скопјани кои живеат во околината или секојдневно поминуваат во близина. Граѓаните постојано укажуваа дека објектот е претворен во депонија, дека е извор на зарази и дека во него се засолнуваат бездомници кои палат ѓубре и дека може да се случи поголема катастрофа. Тие бараа просторот итно да се исчисти, потсетувајќи дека во близина се наоѓа основно училиште што значи дека тука поминуваат ученици и дека местото за нив е небезбедно и опасно по здравјето. Граѓаните кои се јавија во нашата редакција дури искажаа сомневање дека наместо да се чисти, местото се остава како депонија сѐ додека не дојде објектот до фаза за уривање за да не се прави дополнителен трошок.

Општинската инспекција уште минатата пролет со решение го задолжи сопственикот да го исчисти имотот од отпад и соодветно да го заштити за да спречи загадување на животната средина. Од Општина Центар тогаш се заканија дека доколку сопственикот не постапи според решението, тогаш ЈП „Комунална хигиена“ ќе биде задолжена да го исчисти отпадот, но трошокот ќе падне на сметка на сопственикот.

Објект заборавен од сите, дури и од сопственикот: Некогашен салон за мебел, денеска е руина полна со ѓубре и засолниште за бездомници

Од АДИССДП тврдеа дека во изминатиот период неколкупати се обиделе да го исчистат објектот, кој како што најавија треба да се урне и на негово место да се изгради нов, со што ќе биде отстранет хаосот што долг период владее на овој простор. Оттаму се пожалија дека во него влегуваат бездомници, но дека немаат надлежност, ниту сопствено обезбедување за да го решат проблемот со бездомниците коишто се вселени самоиницијативно, затоа што објектот е отворен.

Во изминатиот период службите на АДИССДП, во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ и со поддршка на Општина Центар, реализираа неколку акции на чистење на просторот околу објектот лоциран на Јужен булевар, како и во дел од неговата внатрешност. Беше собрано големо количество смет, кој понатаму стручните служби го дистрибуираа на соодветни локации. Во оваа пригода напоменуваме дека во објектот се вселени бездомни лица, меѓу кои и одредени несовесни поединци, кои по секоја акција исчистениот простор го затрупуваат со нови отпадоци, поради што на интервенција на нашето Друштво во неколку наврати беа повикани надлежни институции – објаснија од Друштвото есенва.

Тие посочија дека имаат разбирање за забелешките на граѓаните што живеат во непосредна близина на овој објект и најавија дека е во завршна фаза јавната набавка за избор на изведувач за изградба на станбена зграда на овој простор.

Веднаш по изборот, избраниот изведувач ќе пристапи кон расчистување и оградување на парцелата, што во случајов подразбира и уривање на руинираниот објект – информираа од АДИССДП.

Сега, просторот е ограден, а поставена е и табла според која се гледа дека таму ќе се гради станбена зграда. Се очекува градежните активности да започнат наскоро затоа што краен рок на изведба е јануари 2027 година, а градежната дозвола е издадена во март 2023 година. Инвеститор на објектот е сопственикот, АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, кој ќе го врши и надзорот, а изведувач е фирмата „Ак инвест“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот