
Објект заборавен од сите, дури и од сопственикот: Некогашен салон за мебел, денеска е руина полна со ѓубре и засолниште за бездомници
Напуштената зграда се наоѓа на Јужен булевар, веднаш по вкрстувањето со булеварот Кочо Рацин, во непосредна близина на основното училиште „Димитар Миладинов“ и е сопственост на АД за Изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, односно поранешен ПУИГ.
Стара и напуштена зграда, каде некогаш беше сместен салон за мебел, сега зјае без врати и без прозорци, преполна со ѓубре и се чини, заборавена од сите. Објектот се наоѓа на Јужен булевар, односно на булевар Македонија, веднаш по вкрстувањето со булеварот Кочо Рацин, во непосредна близина на основното училиште „Димитар Миладинов“.
Препорачано
Некогашниот салон за мебел, сега е депонија за шут и за остатоци од она што некогаш се продавало во него. Стари, превртени и искинати делови од кревети и друга покуќнина, искршени плочки, валкани сунѓери, кабли, полуразрушени сводови, искршено стакло – тоа е денешната слика во објектот и околу него. Сепак и покрај состојбата во која се наоѓа во него се сместиле бездомни семејства, обезбедувајќи си каков – таков покрив над глава, но и ризикувајќи да бидат повредени во зградата која сега е целосно небезбедна за оние кои ќе влезат во неа.

– Секојдневно минувам покрај овој објект и не можам да се изначудам како е можно во центарот на градот да постои ваква руинирана градба, полна со ѓубре и никој, ама баш никој од надлежните да не мрдне со прст. Ајде што навистина изгледа грдо, туку во последно време гледам луѓе влегуваат во неа, со деца се, ќе настрада некој, па отпосле ќе се бара виновникот. Ако веќе не се реконструира или урива објектот, кој одамна си го отслужил своето, барем да се исчисти, па да се огради. Блиску е училиштето, не се знае што сѐ може да им падне на ум на децата, да влезе некое, да „истражува“ – вели скопјанец револтиран затоа што поради нечија негрижа објектот е претворен во депонија.

За состојбата со објектот и за тоа постои ли некаков план тој да се исчисти или да се урне, одговор побаравме од Општина Центар. Оттаму велат дека инспекцијата веќе извршила надзор, но појаснуваат дека станува збор за објект кој е во сопственост на АД за Изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, односно поранешен ПУИГ.
Инспекцијата за животна средина и комуналната инспекција на Општина Центар извршија вонреден надзор на булеварот Македонија (Јужен булевар), на напуштениот објект во приватна сопственост на АД за Изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката. Започната е инспекциска постапка согласно Законот за управување со отпад, член 38, отпад на приватен имот, согласно кој сопственикот е задолжен со Решение да го исчисти имотот од отпад и соодветно да го заштити, за да спречи загадување на животната средина – објаснуваат од Центар.

Оттаму додаваат дека по истекот на рокот, инспекцијата треба да утврди дали е постапено по обврските од решението.
Доколку сѐ уште не е исчистено, ЈП „Комунална хигиена“ ќе биде задолжена да го исчисти отпадот, со што трошокот ќе падне на сметка на сопственикот. Воедно, комуналната инспекција ќе постапи согласно Законот за јавна чистота за оставениот отпад на јавна површина – велат од Општина Центар.
