Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова

Обиени повеќе од 18 шкафови на персоналот на Онкологија – кој претура на Клиниката на полноќ и што бара?!

За само 6 дена, во два изолирани случаи обиени се над 18 шкафови на Клиниката за онкологија кои ги користеле лица од персоналот. Непознато е што се чувало во нив, дали имало лични или службени предмети и документација, но целата ситуација е чудна. „Слободен печат“ се обрати во Министерството за внатрешни работи од каде ги потврдија нашите информации дека навистина, деновиве имало многу обивања на шкафови на Клиниката. Главната сестра на Клиниката Андријана Филиповска за „Слободен печат“ вели дека не недостасуваат лични предмети на лекарите, но не можат да бидат сигурни околу картичките за лекови, дали некои од тие документи недостасуваат – затоа што во просторијата се чувале такви картички и за период од 10 години наназад.

-На 2 април пријавивме отворање на шкафовите од персоналот во сестринската соба. Дојдоа, крим-техника, алфи, полиција, земени се оттисоци од површини, вратени се камерите да се гледаат истиот момент. Не недостасуваа лекови, но не можеме да бидеме сигурни за документи, зашто таму стојат картици од лекови од пациенти во шкафовите. Инспекторот ни нареди додека не утврдиме што недостасува да не пријавуваме во МВР, затоа пријавата е 6 дена подоцна, изјави Филиповска за „Слободен печат“. 

Таа ни рече дека меѓу двата изолирани инциденти за обивање на шкафовите што се случиле во два наврати, имало и трет, ама за него немаат докази. Тогаш некој се обидел да ја отвори вратата од сестринската соба но не успеал.

 

На 09.04.2025 во СВР Скопје од Универзитетска клиника за радиологија и онкологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје било пријавено дека на 02.04.2025 од собата за персонал, едно лице извршило кривично дело тешка кражба во обид на тој начин што откако влегол во собата насилно отворил шкафови и извршил претурање, но не одзел ништо по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР за едниот од инцидентите.

Второто обивање на шкафови пак, се случило во понеделникот на полноќ, кога насилно отворени биле 18 шкафови на персоналот кои претходно биле заклучени.

Ве известуваме дека на 08.04.2025 во 00.00 часот од Клиниката за онкологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар лишиле од слобода 17-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение дека насилно отворил 18 шкафови на персоналот кои претходно биле заклучени, при што одзел пари и други предмети. Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на родител и бранител, а со потврда од него биле одземени предметите. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, велат од МВР за „Слободен печат“. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот