
Нутелата поскапува поради мразот во Турција?
Љубителите на слаткиот намаз Нутела наскоро можеби ќе мора да платат повеќе за својот омилен производ откако најлошиот пролетен мраз во последната деценија значително го намали родот на лешници во Турција. Италијанската компанија Фереро, производителот на Нутела, користи околу една четвртина од вкупното производство на лешници во Турција за своите производи.
Препорачано
Лешниците сочинуваат околу 13 проценти од составот на Нутела, а компанијата произведува милиони тегли од овој намаз секоја година. Цените на големо на лешниците во Турција, земја која покрива околу 65 проценти од светското производство на овој плод, се зголемија за околу 30 проценти од април, а се очекува понатамошен раст, објавува Блумберг.
Компанијата Фереро вели дека лошото време може да влијае на снабдувањето од Турција, но дека во моментов не очекуваат прекин на испораките, благодарение на алтернативните извори од Италија, Чиле и Соединетите Американски Држави.
Сепак, Меѓународниот совет за јаткасти плодови и сушено овошје предупредува дека глобалниот пазар на лешници не може целосно да ги замени пратките од Турција.
Овој недостиг на лешници доаѓа во време кога потрошувачите веќе се погодени од растечките цени на кафето, какаото и маслиновото масло поради климатските катастрофи низ целиот свет. Климатските промени, според експертите, сè повеќе предизвикуваат зимско будење на овошните дрвја и раната вегетација, што ги прави поранливи на доцните мразови.