
Новоформираниот Европски сојуз за промени бара место во ДИК
Албанската опозиција инсистира да добие член во Државната изборна комисија, но и учество во работната група за изборите, како и на редовните координации кај Џафери. Гаши апелира до спикерот „да не го пролонгира изборот на членот на ДИК, кој ѝ следува на опозицијата, бидејќи тоа го прави соучесник во непочитувањето на Изборниот законик“.
Додека најголемите парламентарни партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договараат дали претседателските и парламентарните избори ќе се одржат споено, како што инсистираат партиите од македонскиот и од албанскиот опозициски блок, или ќе се одржат одвоено, како што инсистира СДСМ, на само два и пол месеца пред распишување на изборите за шеф на државата, во Собранието е формирана нова пратеничка група.
Препорачано
Европскиот сојуз за промени (ЕСП), предводен од Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами, вчера информира дека шесте пратеници од Демократско движење, Алтернатива и Беса ќе дејствуваат како пратеничка група. Координаторка на пратеничката група ќе биде Сафије Садики Шаини.
Гаши вели дека се отворени за сите пратеници што сакаат да им се приклучат.
– Иако пратеничкиот мандат е при крај, сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на земјата, за што Сојузот е сериозно заинтересиран да помогне – изјави Гаши.
ЕСП инсистира да добие член во Државната изборна комисија (ДИК), учество во работната група за изборите, како и на редовните координации кај Џафери. Гаши апелира до претседателот на Собранието „да не го пролонгира изборот на членот на ДИК, кој ѝ следува на опозицијата, бидејќи тоа го прави соучесник во непочитувањето на Изборниот законик“.
Меџити ја обвини власта дека сака да спроведе нефер избори со тоа што не ѝ го препушта местото во ДИК на опозицијата.
– Власта работи на тоа опозицијата да нема свој член во ДИК, и тоа е индикација дека подготвуваат нефер и недемократски избори, сакаат нефер услови за двете страни, иако македонската опозиција е присутна со три члена, се проблематизира еден член да има албанската опозиција. Ние нема да отстапиме од намерата да имаме член во ДИК. Имаме предложено наш кандидат и во постојана комуникација сме со амбасадите, со ОБСЕ и ќе преземеме сè да го издејствуваме тоа место, зашто тоа ќе значи фер и демократски услови за наредните парламентарни избори. Елиминирање на ваков начин на опозицијата од ДИК јасно укажува на тоа какви политики водат – рече Меџити.
Тој рече дека не ги добиле ниту последните измени на Изборниот законик за спроведување на препораките на ОБСЕ, а не се консултирани ниту за датумот за изборите, но дека очекуваат да бидат дел од разговорите.
Од Алијанса за Албанците (АА) ни потврдија дека не го отстапуваат местото во ДИК и дека веќе нивен кадар се пријавил на огласот. Како што веќе објави „Слободен печат“, аргументите на АА за да го задржи местото во ДИК се дека на последните парламентарни избори биле опозициска партија, дека Беса тогаш била во коалиција и со заеднички листи со СДСМ, Алтернатива била во коалиција со нив, а партијата на Меџити Демократско движење тогаш не постоела за сега да има право на член на ДИК.
Џафери за спорот во ДИК неодамна рече дека тоа треба да го расчисти самата изборна комисија. Собранието неодамна ја усвои одлуката за огласување за избор на член на ДИК. Огласот трае осум дена. Засега е неизвесно кој ќе го пополни испразнетото столче во ДИК, иако неофицијално, пратениците од мнозинството ќе го поддржат кандидатот на Алијанса за Албанците.
Гаши за Исмаили: Или си со опозицијата или си ДУИ
Претседателот на Алтернатива одби да го коментира излегувањето од партијата на потпретседателот на Собранието Хусни Исмаили како и причините за разидувањето, по што Алтернатива остана со двајца пратеници.
– Сè што се случува во албанскиот блок, значи дека или се со албанската опозиција или се со ДУИ, друго не е битно, битно е кој каде сака да припаѓа – рече Гаши.
Исмаили во петокот соопшти дека претставници од 13 ограноци на Алтернатива формирале фракција, која најверојатно ќе прерасне во нова партија.
Опозицијата идната недела можно е да иницира состанок за датумот на изборите
Ако неделава власта не свика работна група за датум за претседателските и за парламентарните избори, опозицијата веќе идната недела можно е да иницира состанок за да има предвидливост на настаните, велат за „Слободен печат“ од опозицијата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовниот координативен состанок со шефовите на пратеничките групи, повторил дека роковникот за тоа кога може да се одржат изборите веќе им го дал и дека партиите треба да се договорат, во спротивно тој во согласност со Уставот и законите ќе ги распише изборите.
Пратеникот на СДСМ Дарко Каевски во изминатиот викенд најави дека на координација кај Џафери ќе го отворат прашањето за датумите на изборите, тоа ни вчера не било тема.