Илустрација „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова
Илустрација „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова

Ново сведоштво | Пред 12 години го пријавила убиецот на Росица во полиција: „Јас можев да бидам на нејзиното место“

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за „Слободен печат“ денеска изјавија дека имаат информации за најмалку 4 девојки коишто го пријавувале Илија Стефановски во полиција уште од 2013 година наваму – дека им се заканувал, дека ги следел, ги малтретирал, за нив пишувал навредливи омаловажувачки графити на јавни места и дека не можеле да му раскинат и да го остават бидејќи тој не прифаќал. Некои од нив, тврдат нашите извори во Хелсиншкиот комитет – го пријавувале во полиција повеќе пати. Има пријави од 2013, 2017 и 2019 година според информациите што ни ги дадоа од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Не била само Росица од Велес чиј живот го оконча нејзиниот поранешен љубовник Илија Стефановски жртва на неговото психолошко малтретирање и посесивно контролирачки модус-операнди. Познатиот „урбан лик“ од Скопје ги малтретирал и демнел и другите девојки со кои бил во врска и кои мака мачеле да стават крај на врските со него.

„Слободен печат“ обезбеди сведоштво од една од девојките која едвај се отарасила од него откако решила дека сака крај на врската и уште во 2013 и 2014 година го пријавувала во полиција. Начинот на кој Илија Стефановски се однесувал кон неа има сличности со оној на кој се однесувал со Росица до степен на заледување на крвта. Со Илија таа била во врска година и половина, но кога кажала „не“ тоа не било прифатено од негова страна. Постојано ѝ ѕвонел, ѝ пишувал, се појавувал на местата каде што се движела, ѝ истурал пијачки.

-Имаше драматични испади дека „ќе се убие“ ако не бидеме пак заедно – го почнува девојката сведоштвото чиј идентитет ѝ е познат на нашата редакција, но на нејзино барање го заштитивме.

Оваа девојка прв пат го пријавила во полиција сега веќе мртвиот убиец, уште во 2013 година кога ѝ го одзел телефонот и во нејзино име пишувал мејлови со цел да ѝ наштети, а во целата драматична ситуација се заканил дека ќе ја убие сестра ѝ.

-Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција, го исконтактираа оттаму и ми го врати телефонот. Во тие неколку часа тој се претставил со мое име и праќал мејлови за да ми го уништи професионалниот развој – раскажува девојката.

Сепак малтретирањето не престанало, кога веќе не „палело“ постојаното пишување, демнење, одземањето на телефонот, осамнале графити низ Скопје со нејзиното име и презиме и зборот „курва“, но и со имиња и презимиња и навреди за нејзини блиски.

После сето ова девојката завршила во болница со дупната глава, но до ден денеска не ѝ е јасно и не може да тврди дека токму Стефановски бил тој што една јануарска вечер во 2014 година ја удрил силно по главата и избегал. Таа била излезена со другарките и кога се враќала дома некој ја удрил силно по главата, ѝ ја украл ташната и избегал. Од силниот удар завршила во болница на шиење на главата, а полицијата не успеала да го лоцира напаѓачот.

Во полиција го споменала неговото име, дека тој би имал мотив за нешто такво, но до денеска не ѝ е јасно и полицијата не утврдила кој ја нападнал таа вечер, кога добила удар којшто можел да биде и смртоносен. Од денешна перспектива овој случај за неа добива друг контекст и не знае дали навистина бил тој или е некаква „луда случајност“.

Кога девојката изгубила интерес за него почнала нејзината голгота. Во полиција негирал сè што ќе кажела таа и го тврдел спротивното дека „таа е љубоморна, а тој си има девојка“. Со други зборови, вршел проекција и ја обвинувал неа за работите што ѝ ги правел. Кога се проширила веста за двојното убиство и самоубиство на девојката што се согласи да разговара со „Слободен печат“ ѝ дошло на мисла дека можеби жртвите се нејзини блиски зашто и кон нив Илија се заканувал на начин како што се заканувал кон таткото на Росица.

-По 13 години потсвесно ми беше очекувано дека вакво нешто ќе се случи. Го паметам тоа чувство кога нема каде да избегаш, немаш никаков излез. Полицијата  сметам дека не е обучена, го гледа случајот изолирано, а не во поширок контекст и перспектива – споделува таа за „Слободен печат“.

Во ова нејзино сведоштво најверојатно ќе се пронајдат и други девојки кои со големи трауми и без никаква заштита спасиле жива глава. Полицијата трет ден не одговара на барањето на „Слободен печат“ за сите пријави коишто тие не ги процесуирале до Обвинителството, а кои низ годините биле поднесувани од различни девојки за Стефановски. На социјалните мрежи во статуси уште од 2019 година постојат сведоштва за насилното поведение и застрашувањето што Стефановски го вршел кон жените што повеќе не сакале да бидат со него.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за „Слободен печат“ денеска изјавија дека имаат информации за најмалку четири девојки кои го пријавувале Илија Стефановски во полиција уште од 2013 година наваму – дека им се заканувал, дека ги следел, ги малтретирал, за нив пишувал навредливи омаловажувачки графити на јавни места и дека не можеле да му раскинат и да го остават бидејќи тој не прифаќал. Некои од нив, тврдат нашите извори во Хелсиншкиот комитет – го пријавувале во полиција повеќе пати. Има пријави од 2013, 2017 и 2019 година според информациите што ни ги дадоа од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Адвокатката која застапува жени што преживеале семејно насилство, Катерина Котеска Стисниоска за „Слободен печат“ вели дека условните осуди за семејно насилство се тотално промашување, бидејќи ова дело е често и за него треба да има ригорозна казна. Според неа, кога жените пријавуваат малтретирање во полиција, полицијата тие пријави ги формулира како „поплаки“ зашто на таков начин им е полесно – не треба да известат јавен обвинител и само треба да го предупредат сторителот. Ова предупредување пак, тврди Котеска-Стисниоска, нема никакво влијание врз сторителот особено кога се работи за некој што е одлучен и решен, и кој многу често вршел и претходно насилство. Проблем на кој посочува таа е што кога сторителот ќе се отстрани од домот на максимум 30 дена, со него никој не работи – ни психијатар, ни психолог. Во меѓувреме кај него се навлекува уште поголем гнев кој потоа го истураат врз жртвата.

-За пропустите на институциите направени кај Росица некој треба да се изведе на суд и да одговара. Треба да има јак систем на контрола, да се отстрани синдромот на локален шериф во Центрите за социјални работи и институциите да не креваат раце од пријавителките. Во ЦСР ги враќаат жените зашто не биле сопруги туку вонбрачни партнерки, затоа што се инфантилни и не сакаат да работат и да заведуваат нови случаи. Според мене казните треба да се заострат и да се изрекува ефективен затвор со мерка задолжително психијатриско лекување. Сторителот да поминува третман додека е во затвор, а не само да биде оттргнат од жртвата, а понатаму некоја друга да биде жртва – ни рече Котеска-Стисниоска.

Таа вели дека се случува полицијата да го „предупреди“ сторителот дека жена против него поднела пријава.

-Многу често во помалите средини, полицаецот што ја зема пријавата го познава сторителот и го известува дека има пријава за него па тој влијае врз жртвата со притисоци и наметнување страв да ја повлече пријавата уште додека таа е во МВР. Центарот за социјални работи се обидува да ги „смири“ сторителот и девојката што е катастрофална грешка и е забрането со Истанбулската конвенција. Праксата што ја гледам е дека случаите на семејно насилство не се процесуираат зашто институциите не сакаат да работат предмет. Сакаат да имаат што помалку предмети за фиксната плата, ни рече адвокатката.

Иако „Слободен печат“ веднаш после двојното убиство и самоубиство во Велес побара од Министерството за внатрешни работи да ни достави податоци за пријавите против Илија што ги поднесувале други девојки, сепак не ги добивме. Министерот за внатрешни работи вели дека внатрешна контрола ќе испитува дали имало пропусти во постапувањето на полицајците, но во интервју за телевизија „Сител“ се обиде одговорноста да ја префрли кон Обвинителството и судот.

– Многу ми е жал што живееме во едно општество каде обично институциите си ја префрлаат вината од една на друга. Многу прашања се поставија деновиве на оваа тема и треба да бидат поставувани прашања. Јас би поставил првично две прашања: Кој во оваа држава изрекува мерка притвор? И кој во оваа државата изрекува мерка затвор, односно казна затвор? Кој во оваа држава единствено согласно закон може да предложи мерка притвор? Кој во оваа држава единствено може да поднесе обвинение? На првото прашање одговорот е: единствено судот може да определи мерка притвор. На второто прашање одговорот е: единствено Обвинителство може да предложи мерка притвор. Зошто е Тошковски крив? Заради тоа што Јавното обвинителство не побарало притвор? – рече Тошковски.

Обвинителството беше првата институција која објави дека барањата на Росица за помош стигнале до институциите. Според нивната верзија откако бил условно осуден, неколку дена пред убиствата, убиецот имал забрана за приближување и воспоставување контакти со девојката и со нејзиниот партнер, определена по барање на Обвинителството која требало да ја спроведува МВР. Основниот суд во Велес пак преку соопштение до јавноста вината ја префрли на Обвинителството и пишува дека на предлог на Обвинителството, иако конечната одлука ја носи Судот, на Стефановски му биле укинати мерките за забрана да го напушта домот и да се пријавува во полициска станица.

– Основен суд Велес донесе и решение К.бр.123/25 од 10.09.2025 година со кое останува во сила мерката на претпазливост Забрана на приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со лицата Р. К. и И. М. од В. согласно чл.146 ст.1 т.6 од Законот за кривична постапка и тоа сè додека има потреба, а најдолго до правосилноста на пресудата, а определените мерки на претпазливост Забрана на обвинетиот да го напушти живеалиштето односно престојувалиштето согласно чл.146 ст.1 т.1 од Законот за кривична постапка и Обврска обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во просториите на МВР СВР Скопје ПС Кисела Вода, еднаш во седмицата согласно чл.146 ст.1 т.2 од Законот за кривична постапка, се укинуваат по предлог на јавниот обвинител и согласност на бранителот – се вели во соопштението на судот. 

Росица го пријавувала Илија Стефановски многу пати

 

Росица многукратно го пријавувала Илија Стефановски во полиција – ја вознемирувал додека го шетала кучето, ја нападнал во двор на основно училиште во Велес, во ходник од зграда нападнал велешанец додека бил со Росица. Сите овие малтретирања се случиле за само три месеци и не престанале. Пишувал навредливи графити со нејзиното име и презиме, пишувал пораки за неа ѝ им ги праќал на татко ѝ и на нејзина пријателка, на влезната врата од продажен салон оставил УСБ-стик кој го залепил, а во кој имало фотографии и видеа од нив двајцата, го запалил семејното возило „мицубиши“. Во меѓувреме и тој ја пријавувал во Скопје. Велешкото обвинителство во април поднело обвинителен предлог за Стефановски и го гонело за загрозување на сигурноста на Росица и за повреда што ја нанел на нејзиното момче. Психијатар му направил вештачење и утврдил дека тој нема никаква душевна болест, дури не ни регистрирал патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.

Во меѓувреме, на 21 мај годинава, Росица го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитувал и продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа. На 18 мај се приближил до нејзиниот дом и ѝ го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес ја испитала Росица и на 26 мај издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува.

„На 25.3.2025 година, оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Република Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и ѝ нанел лесна телесна повреда од чл. 130 ст. 2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје, со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари“, соопшти Обвинителството.

Убиството се случи на 15 септември попладнето, кога Илија со нож ги избодел Росица и нејзиниот татко пред очите на момчето со кое таа била во врска. Според информацијата од полиција, Стефановски прво го убил таткото на Росица, а потоа ја избодел Росица, па самиот себеси.

„На местото излегоа полициски службеници и констатираа дека станува збор за Р.К. (31) од Велес, која од Итна медицинска помош е пренесена во болницата во Велес, каде што е констатирана смрт. На местото е затекнат Ф.Т. од Велес, сегашен партнер на Р.К., кој изјавил дека заедно отишле во домот на нејзиниот татко, затоа што не се јавувал, а откако Р.К. ја отворила вратата, со остар предмет ја нападнал нејзиниот поранешен партнер И.С.(39) од Скопје, по што ја заклучил вратата. Потоа полициски службеници влегоа во домот и го пронајдоа починат нејзиниот татко К.К.(74), кој исто така имал повреди од остар предмет. Во домот со повреди од остар предмет е пронајден и И.С., за кој според првичните информации, постои сомнение дека откако ги нападнал двајцата, самиот се повредил. Откако е пренесен во болницата во Велес, и кај него е констатирана смрт“, информираше МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот