Ивица Томовски

Новиот владин авион ќе нè чини од 20 до 50 милиони евра: „Ако сме сериозна држава, треба да имаме соодветно летало“, вели Томовски

„Ако сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветно летало, односно соодветен владин авион и не треба да се симнуваме на ниво соседните држави да нè собираат со нивните авиони кога треба некаде да одиме со заеднички делегации“, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски.

„Лирџетот“ со кој сега располагаме не ги исполнува потребите на државата и има многу трошоци за негово сервисирање, бидејќи веќе не се произведуваат резервни делови. Затоа користиме репарирани делови и од 2017 година до денеска по основ на сервиси се потрошени околу четири милиони евра што не би бил случај за нов авион. Кога би оделе на некои подолги патувања, би ни требал поголем авион со најмалку 14 седишта, за разлика од овој што има шест. Со еден збор, „Лирџетот“ е премал“, рече Томовски во интервју за „Канал 5“.

Тој рече и дека претходната влада сакала да набави нов авион и била во напредна фаза на преговарање со различни производители, но тоа го криела од јавноста.

„Ние се одлучивме да искомуницираме со јавноста и сметам дека јавноста треба да биде запознаена што планираме. На крајот на краиштата авионот не останува за директорот или за премиерот, туку останува за државата. Ќе гледаме да предвидиме средства за набавка на авион со новиот буџет бидејќи овој не го дозволува тоа. Би сакале да допреговараме со јавноста, да собереме и понуди за лизинг на авион, да купиме нов или половен. Сите опции ќе ги извадиме на маса за да видиме што е најдобро и најекономично“, рече Томовски и додаде дека набавката на нов владин авион би чинела од 20 до 50 милиони евра.

Во државна сопственост, вели тој, има околу 7.000 возила, во кои влегуваат возилата на Владата и министерствата, општинските возила, возилата на јавните претпријатија…

-Веќе избравме боја – црвено со жолто на табличките за означување на државните возила, изработивме правилник, но процесот е закочен бидејќи е потребен тендер за набавка на боја за нивна изработка. Тендерот е во завршна фаза, а откако ќе се надмине проблемот и ќе почне изработката во рок од 30 дена сите државни институции ќе треба да ги заменат табличките, рече Томовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот