
Новиот состав на БРИКС: Вовед во нов глобален поредок
Сведоци сме на промени на глобално ниво, раст на нови економски џинови и нивна соработка во која ги вклучуваат малите земји. Нешто што воопшто не им се допаѓа на западните земји и на САД, кои се научени да доминираат во последните шеесет години.
Акронимот БРИКС (БРИЦС) ги претставува земјите Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка (Јужноафриканска Република) кои во 2009 година основаа економски блок (форум) за меѓусебна економска соработка. На почетокот недостигаше уште Јужна Африка за акронимот да биде цел, а таа се приклучила во 2010 година.
Препорачано
Целта на овој блок или форум е земјите надвор од западниот свет да можат да формираат економски алијанси и да ја зголемуваат меѓусебната соработка на различни нивоа и полиња. Средбите на членките се одржуваат на годишно ниво и освен трговска соработка, овој економски блок има основано свои финансиски институции како Нова банка за развој (Нењ Девелопмент Банк) чија примарна функција е водење инфраструктурни проекти. Дополнително, БРИКС има воспоставено таканаречен аранжман за контингентна резерва (Цонтингент Ресерве Аррагнемент) или систем на заштита на членките од притисок врз ликвидноста и заштита на нивните национални валути од глобален притисок.
Овој механизам западниот свет го гледа како еден вид конкуренција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Од друга страна, овој економски блок развива внатрешен систем за наплата на побарувањата кој може да го замени меѓународниот систем СВИФТ и нова глобална валута што е директна закана за одамна воспоставениот американски долар.
Во моментов земјите членки на овој економски блок сочинуваат 31,5 отсто од светскиот БДП и ако на ова се додадат 26 отсто од глобалното производство на нафта, 50 отсто на железна руда, 40 отсто на пченка и 46 отсто на пченица, овој економски блок станува висококонкурентен на светскиот пазар во споредба со западните земји. Дополнително на ова, земјите членки на БРИКС имаат намера да воспостават своја интернет кабелска конекција за директна комуникација, таканаречен БРИКС-кабел. На самитот во Бразил во 2014 година членките потпишале договори за соработка во воената одбрана, образованието и нафтените деривати.
Во споредба со земјите од групата Г7 (Канада, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, ЕУ, САД), каде што оваа група покрива 987 милиони жители, БРИКС покрива 3 милијарди жители на планетата, а разликата во економската размена е се уште на страната на Г7 со 33,93 трилиони долари глобален БДП наспроти 23,5 трилиони долари на БРИКС. Но, светските аналитичари тврдат дека оваа разлика за БРИКС е достижна во следната деценија.
Нова светска валута и поголема независност од доларот
Во списокот од 75 заклучоци што беа донесени на последниот самит на БРИКС одржан оваа (2022) година во Пекинг, во делот за глобален економски развој, учесниците нагласуваат дека сè повеќе е потребна економска заштита на земјите членки од економски потреси, со посебен акцент на промените што ги донесе ковид-19 пандемијата.
Тука отворено може да се прочита потребата за нова глобална валута преку која ќе тргуваат земјите членки на БРИКС, а ќе се базира на националните резерви и придонесот кон глобалниот БДП на постојните членки. Во креирањето на оваа валута, би учествувале кинескиот јуан, руската рубља, бразилскиот реал, јужноафриканскиот ранд и индиската рупија. Ова најмногу би ѝ одговарало на Русија, која соочена со санкциите поради војната во Украина, но од друга страна ја покажува потребата на останатите земји во светот, не само членки на БРИКС, да почнат да се ослободуваат од стегите на ММФ и хегемонијата на САД кој ја практикува својата сила преку оваа меѓународна институција.
Сепак, за идната валута на БРИКС, а можеби и новата замена за доларот да биде стабилна, потребни се следниве параметри: безбедност, ликвидност и поврат. А за овие параметри да бидат стабилни, потребна е висок кредитен рејтинг, нешто што некои членки на БРИКС во моментов го немаат.
Иако западните медиуми и аналитичари со прст посочуваат кон Русија и претседателот Владимир Путин дека тие најмногу би имале корист од нова глобална валута, самиот факт дека се дискутира и планира воведување нова валута е сам по себе знак дека се потребни промени во постојниот глобален систем на соработка.
Нови членки, нови можности за соработка
Последната вест дека Аргентина и Иран побарале членство во БРИКС беше изненадување за оние што се ориентирани исклучиво кон таканаречениот западен свет или земји од првиот свет (Фирст Њорлд Цоунтриес). Апликации за членство исто така беа поднесени од Саудиска Арабија, Венецуела, Турција и од Египет. На маргините на последниот самит во Пекинг, се дискутирало за креирање таканаречен БРИКС Плус и во тие преговори учествувале Индонезија, Казахстан, Нигерија, Обединетите Арапски Емирати, Сенегал и Тајланд, заедно со веќе новите членки Аргентина, Саудиска Арабија и Египет.
Од друга страна, Новата банка за развој на БРИКС во свое членство ги прими Бангладеш, ОА Емирати и Уругвај. Аргентина со својот огромен извоз на месо на светскиот пазар, Саудиска Арабија и ОА Емирати со производството на нафта, Казахстан со нафтените резерви и минералните суровини, Индонезија како најбројна муслиманска земја и огромен извозник на дрво, гума и минерални суровини, сите овие се сериозни економски „играчи“, кои ќе станат уште помоќни со членството во БРИКС.
Ова зголемено членство во БРИКС веќе станува сериозна конкуренција на земјите од Г20 групацијата. Дополнителна информација што дава ново светло е изјавата на директорот на Меѓународниот институт од Универзитетот Ренмин од Кина, Ванг Јивеи дека апликациите од земјите членки на Г20 први ќе бидат разгледани. Ова „замешателство“ од страна на БРИКС во тековите на светската економија покажува дека пред сè и над сè доаѓаат од економската соработка и развој и дека веќе ерата на моноблоковската поделеност на светот завршува.
Важноста на оваа организација за неразвиените и земјите во развој се покажа во моментот кога западните земји ги заборавија сите останати земји во трката за вакцини кога почна пандемијата, поточно кога западните земји на чело со САД прво ги купија сите произведени вакцини и оние што допрва ќе се произведат и воведоа систем на дискриминација на влез во државите по основ на потекло на примена вакцина.
Оваа ситуација со пандемијата добро ја искористи Кина, која своите вакцини ги донираше прво во соседството, а потоа во земјите членки на БРИКС и сите земји што имаат билатерални договори со Кина во рамките на Иницијативата Појас и Пат. Членките на БРИКС уште во 2011 година во својата агенда ги имале проблемите на глобалното здравство, епидемиите со маларија, ХИВ и болестите што не се пренесуваат од човек на човек, но претставуваат голем проблем на светско ниво.
Земјите членки на БРИКС преку меѓусебна поддршка воведуваат универзално здравствено осигурување, а со финансиска поддршка од Новата банка за развој инвестираат во технологии за поддршка на здравството. Нивната цел исто така е корист од овие технологии да имаат и сиромашните земји.
Професорот Ендрју Хармер од Универзитетот во Единбург објаснува дека самиот пристап на БРИКС-земјите кон глобалното здравство цели кон мултилатералност и универзален пристап за сите, нешто што оди спротивно на доминантниот западен наратив и наметнат принцип на работа. Индија ја има лиценцата за производство на лекот за повеќе типа канцер Иматиниб (Иматиниб/Гливец), Кина инвестира 1,3 милијарди долари во истражување на нови лекови, контрола и превенција против заразни болести. Индија и Бразил се најголемите производители на генерички лекови, а 60-80 отсто од сите набавени вакцини од страна на Обединетите нации биле произведени во Индија. Овие бројки јасно ни покажуваат каде во глобалното здравство се позиционирани земјите од БРИКС.
Нешто што многу личи како принцип на соработка на Движењето на неврзаните, а како пристап го користат и земјите на БРИКС, е концептот на инвестиции и еднакво партнерство. Во вокабуларот на овие земји не постои односот на донатор и оној што прима помош туку партнерство, соработка за развој. Овој пристап го користеа земјите членки на Движењето на неврзаните кои соработуваа меѓу себе и сè уште соработуваат, но меѓу нив ги нема големите земји од западниот свет. Овој пристап сè повеќе ги привлекува неразвиените и земјите во развој бидејќи кога некој ви помага и дава помош, а не патронизира како западните земји, интересот и желбата за соработка стануваат поголеми.
Користа што може да ја имаат земјите од регионов најпрво спаѓа во рамки на билатералната соработка со Кина и што таа може да донесе врз основ на договорената соработка (разни видови на инвестиции, трговска, технолошка и интелектуална размена). Потоа бенефитот се префрла преку членството на Турција во БРИКС, бидејќи Турција има големо економско присуство и влијание на Балканот.
Сведоци сме на промени на глобално ниво, раст на нови економски џинови и нивна соработка во која ги вклучуваат малите земји. Нешто што воопшто не им се допаѓа на западните земји и на САД, кои се научени да доминираат во последните шеесет години. Униполарноста умира, се раѓа мултиполарноста во светот каде соработката, еднаквоста и хуманоста се пред профитот и интересот на поединецот.
Соња Стојадиновиќ, политиколог