Странски новинар во Газа/Фото: Doaa Albaz / AFP / Profimedia

Новинарите во Газа однапред пишуваат тестаменти, па заминуваат да известуваат

Израелските сили извршија двоен воздушен удар врз болницата „Насер“ во јужниот дел на Појасот Газа, при што загинаа дваесетина цивили и здравствени работници, како и пет новинари кои известувале за агенциите „Ројтерс“, „Асошиетед прес“, „Ал Џазира“ и други медиумски куќи. Нападите предизвикаа силна меѓународна осуда.

Во првиот удар беше погоден последниот кат од болницата, каде загина новинарот на „Ројтерс“ Хусам ел Масри. Додека спасувачи и новинари се обидуваа да помогнат на повредените, само петнаесет минути подоцна беше фрлена втора бомба на истото место. Телевизијата „АлГад“ во директен пренос ја прикажа експлозијата, чиешто автентичност ја потврди и Би-би-си.

Во вториот напад загинаа Маријам Абу Дага од „Асошиетед прес“, новинарот на „Ал Џазира“ Мухамед Салам, фото-репортерот Моаз Абу Таха и Ахмад Абу Азиз од „Кудс Фида“, а беше ранет новинарот на „Ројтерс“ Хатем Халед.

Светот реагира: повици за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „не е среќен поради случувањата“ и повика на крај на оваа „ноќна мора“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази жалење за нападот врз болницата во Кан Јунис.

Францускиот претседател Емануел Макрон го оцени ударот врз болницата како „неподнослив“, додека британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами порача дека е „ужаснат“ и побара итен прекин на огнот. Бившиот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел отиде чекор понатаму, обвинувајќи дека убиството на новинарите во Газа било намерно и дека Израел ги таргетирал.

„Асошиетед прес“ соопшти дека е „шокиран и тажен“ од загубата на својата соработничка Маријам Абу Дага и на останатите новинари. „Ројтерс“ пак објави дека е длабоко потресен од смртта на Масри и повредата на Халед, барајќи итна медицинска помош.

Колегите на Абу Дага открија дека таа оставила тестамент и писмо за својот 13-годишен син Гаит, во кое го советувала: „Направи ме горда, стани успешен и истакни се.“

Новинарите под директна закана

Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ) остро го осуди нападот и предупреди дека „убиствата на новинарите во Газа претставуваат најстрашни напади врз медиумските работници во поновата историја“. Според нив, од 7 октомври 2023 година до денес се убиени најмалку 193 палестински новинари – бројка што ја надминува глобалната статистика за убиени новинари во последните три години, пишуваат регионалните медиуми.

Израелската војска призна дека го погодила подрачјето околу болницата „Насер“, но тврди дека не ги таргетира новинарите. Сепак, истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од испитувањата за воени злосторства се обуставуваат или остануваат нерешени. Како пример, „Гардијан“ потсетува дека случајот со новинарката Ширин Абу Аклех од „Ал Џазира“, убиена од израелски снајперист во 2022 година, никогаш не бил завршен.

Ограничен пристап и забрана за странски новинари

Израел веќе речиси две години им забранува на странските новинари влез во Појасот Газа, што претставува преседан во современото воено известување. Затоа светските медиуми се приморани да соработуваат со локални палестински новинари кои работат во услови на постојани воздушни напади, недостиг на струја, вода и храна.

Почетокот на август околу 200 новинари и медиумски организации потпишаа петиција за итен и несметан пристап на странските медиуми во Газа, како и за почитување на меѓународниот статус на новинарите како заштитена категорија.

Политички пораки

Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Газа ќе заврши „за неколку недели“, без да прецизира детали, нагласувајќи дека постојано комуницира со Нетанјаху.

Во Тел Авив, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата влада донела „недвосмислена“ одлука во наредните месеци војската да го преземе градот Газа, додавајќи дека Израел ќе продолжи „одлучно и силно“ сè додека не ги врати сите заложници и не го порази Хамас, наведува „Тајмс оф Израел“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот