Нова општинска зграда на Карпош/Фото: Општина Карпош

Новата општинска зграда пуштена во употреба, Јакимовски вели ќе биде дом на сите карпошани

Новата административна зграда на Општина Карпош, која се градеше од 2012 година, вчеравечер беше пуштена во употреба, а на свеченоста присуствуваа голем број карпошани, кои во иднина сите административни работи, наместо во бараките лоцирани во ОУ „Лазо Трповски“ ќе можат да ги завршуваат во новиот објект.

Вратите на новиот „дом“ за карпошани, кој зафаќа површина од 4500 метри квадратни,  како што истакна  градоначалникот Стевчо Јакимовски, ќе бидат секогаш ширум отворени за жителите на оваа општина, кои ќе можат на едно место да ги решаваат своите проблеми и да ги остваруваат личните права и секојдневните потреби.

Сè започна со еден камен –темелник. Можеби тогаш изгледаше како празно парче земја, но за нас тоа беше визија – сон за една нова општинска зграда, достојна за граѓаните на Карпош. Трпеливо но сигурно, месец по месец, цигла по цигла, од темелите израснаа ѕидови. Со мака, со работа и со посветеност, чекор по чекор го изградивме овој објект. Не беше лесно, но секогаш кога имаш јасна цел, секоја пречка се надминува – рече Јакимовски.

Стевчо Јакимовски/ Фото: Општина Карпош

Во рамки на свеченоста тој посочи дека оваа зграда претставува симбол на заедништвото и јасен показател дека кога ќе се здружат волјата и трудот не постојат невозможни работи.

Овој објект не е само бетон и арматура. Верувам дека тука ќе се носат важни одлуки преку кои ќе се креира иднината на Карпош. Нашата локална самоуправа е лидер во многу работи, а со овој чин покажавме дека знаеме да изградиме објект по европски стандарди, со визија и со срце. Ова е уште еден доказ дека нашиот Карпош секогаш оди напред – истакна Јакимовски.

Првиот човек на Општината потенцираше дека новата општинска зграда не е наменета само на администрацијата, туку таа ќе биде транспарентна локална установа која им припаѓа на сите граѓани на Карпош.

Мојот сон и мојата визија беше тука да влегувате со доверба и овде да ги добивате вашите одговори и решенија. Ова е нов дом на локалната самоуправа, поточно дом на сите наши сограѓани. Карпош гради, расте и ќе продолжи да чекори напред, затоа што ова е нашата заедничка приказна – додаде градоначалникот.

Деновиве во тек е преселбата на администрацијата во новиот објект. Таму веќе се сместени вработените и канцеларијата на градоначалникот, кои досега работеа во првата општинска барака, која е адаптирана за привремен престој на децата од градинката „Мајски цвет“ додека се гради новиот објект на градинката. Во наредните неколку дена треба да заврши целосната преселба на сите вработени во локалната самоуправа.

Вработените во Општина Карпош се селат во новата зграда, бараките привремено ќе станат градинка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот