
Новата зграда на Карпош ќе биде готова во јуни, администрацијата ќе се вселува летоска
Минатиот месец Општината по објавен јавен оглас склучи договор со Друштво за промет и услуги „ЕМ груп електрометал“ за изведување завршни занаетчиски работи и поставување лифтови во новиот административен објект на локалната самоуправа, вреден повеќе од 32 милиони денари.
Општинската зграда на Карпош, чија изградба трае повеќе од една деценија, конечно ќе биде завршена во јуни, па во текот на летово локалната администрација треба да се пресели во новите простории. Тоа би значело дека вработените ќе ги напуштат и училниците што во изминатиот период ги користеа како канцеларии во основното училиште „Лазо Трповски“, што беше причина за многу незадоволни реакции од родителите на основците што учат во тоа училиште.
Препорачано
Ако сѐ се одвива според планираното, наредната учебна година за настава конечно би се користел целиот капацитет на училиштето, а родителите би биле спокојни затоа што нивните деца повеќе не би имале никаков контакт со надворешни лица.
Минатиот месец Општината по објавен јавен оглас склучи договор со Друштвото за промет и услуги „ЕМ груп електрометал“ за изведување завршни занаетчиски работи и поставување лифтови во новиот административен објект на локалната самоуправа, вреден повеќе од 32 милиони денари. Договорен е и стручен надзор за изведување на завршните работи со Друштвото за архитектонски дејности, надзор и инженеринг „МБМ архитекти“. Надзорот ќе чини околу еден милион денари.
Завршните работи, според договорот, треба да завршат во рок од 100 дена по склучувањето на договорот и воведувањето во работата, што временски се поклопува со најавите што стигнаа од Општина Карпош.
Неодамна, Општина Карпош ја исели од простории во недовршената зграда фирмата „Реди рециклажа“, кои ѝ беа дадени на користење како оперативен центар каде што привремено се складирала селектираниот отпад собран од зградите во Карпош и Центар, пред тој да биде пренесен до преработувачите. Целта била да се ослободи просторот за да заврши изградбата.
Неколку месеци претходно фирмата беше информирана од Општина Карпош дека напролет ќе треба да ја напушти оваа локација поради неопходната потреба да се ослободи простор за завршните градежни активности во самата зграда. Според планираната динамика на активностите, се очекува зградата да биде завршена до јуни, за да може да се пресели целата општинска администрација – објаснија од Карпош.
Новата зграда на Карпош почна да се гради во 20112 година, а целиот проект како што беше првично кажано требаше да чини помалку од три милиони евра, но низ годините, инвестицијата значително порасна, особено затоа што изградбата предолго трае.
Во изминатите три години во неа се вложени повеќе од половина милион евра, а изградбата се одвивала, како што неодамна ни одговорија од Општината во согласност со средствата што се одвојувале за нејзино завршување.
Така, од 2021 до 2024 година за општинската зграда биле искористени 33.727.000 денари. Во 2024 година се потрошени 5,7 милиони денари општински пари за внатрешно уредување, а до крајот на годината уште 10 милиони од ребалансот на Буџетот.
Пари за завршување на објектот, кој се простира на површина од 4.500 метри квадратни, беа обезбедени и во годинешниот буџет во износ од 40 милиони денари, кои сега ќе се искористат за завршување на зградата.