Нова влада на Франција / Фото EPA-EFE/Michel Euler / POOL POOL PHOTO MAXPPP OUT

Новата француска влада го одржа првиот состанок под мотото „работа, работа и само работа“

Новиот француски премиер Габриел Атал денеска го одржа првиот состанок на Владата под мотото „работа, работа и само работа“, соопштија од Елисејската палата.

Атал, кој е најмладиот премиер во француската историја и првиот јавно деклариран хомосексуалец на оваа позиција, раководи со релативно мал кабинет од 14 министри.

Во следните 10 дена Владата ќе биде засилена со дополнителни помлади министри, односно државни секретари, соопшти кабинетот на францускиот претседател, додавајќи дека помалата влада на Атал ќе биде поефикасна. Француските кабинети обично имаат меѓу 30 и 40 членови, вклучително и државни секретари.

Француското претседателство објави дека владата се обидува да се „подмлади“ со промена на министри, при што свежи лица ќе им се приклучат на искусните министри кои ќе останат на функцијата.

Стефан Сежурне (38), кој вчера стана најмладиот министер за надворешни работи во историјата на Франција, по преземањето на функцијата рече дека ќе ја следи политиката на претседателот Емануел Макрон, што подразбира „независна Франција во моќна Европа, способна нејзиниот глас да се слушне во новиот мултилатерален свет“. Сежурне е и поранешен партнер на Атал со кој живеел во истополова заедница.

Најмлада министерка е Мари Лебек (33), која е задолжена за соработка со парламентот. Од Елисејската палата истакнаа дека следната недела Макрон ќе одржи говор во кој ќе ги претстави своите приоритети за наредната година, пред Атал да го одржи својот прв говор пред францускиот Парламент.

Во согласност со политичкиот систем на Франција, премиерот, назначен од претседателот, е одговорен пред Парламентот и е одговорен за спроведувањето на внатрешната политика, особено во областа на економијата. Претседателот има значителни овластувања во областа на надворешната политика и европските прашања, а исто така е и врховен командант на вооружените сили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!