Нов скандал со прислушување или фингирана афера на власта?

Нов скандал за нелегално прислушување, по масовното прислушување на повеќе од 20 илјади граѓани во време на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, случај за што никој не одговараше, или само фингирана афера, бомбастично најавувана, што ќе нема разрешница, а ќе биде во служба на рејтингот на премиерот?

Оваа дилема во јавноста се наметна откако актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, ги потврди обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски, кој уште додека беше во опозиција, а потоа и од собраниска говорница кога дојде на власт, зборуваше дека претходните раководства на разузнавачките агенции го следеле како лидер на опозицијата.

За овие тврдења на премиерот, лично републичкиот јавен обвинител отвори постапка, за која уште нема разрешница, а сега и АНБ доставила три известувања до Јавното обвинителство за поранешен директор на Агенцијата и за вработени во АНБ, организирани во група, поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.

Мицкоски тврди дека „глодари“ од АНБ и АР „темелно се занимавале“ со тогашната опозиција, со него, со бизнисмени и новинари

Христовски и Мицкоски не откриваат детали

Христовски пред стапувањето на функцијата отворил внатрешна истрага и утврдил дека од 2019 до 2024 година Мицкоски бил следен како опозиционер, но не само тој, туку и група новинари, медиуми, односно дека Агенцијата се злоупотребувала поради „пресметка со опоненти“.

Резултатите од внатрешната истрага на Христовски беа прво брифинг за новинари во АНБ, а на 1 септември, на годишнината од формирањето на АНБ, обвинувањата на Мицкоски кулминираа со неговите очекувања „пробисветот и глодарите“ да бидат сместени зад решетки.

Ниту Мицкоски ниту Христовски не сакаа да навлегуваат во детали бидејќи, како што рекоа, станува збор за документи што се класифицирани како државна тајна.

– Не би можел да зборувам за деталите бидејќи тоа е државна тајна. Така е класифициран тој документ, документи, но едно е факт – дека двете агенции – и Агенцијата за разузнавање (АР) и АНБ, темелно се занимавале со, во тоа време, најголемата опозициска партија, со мене. Меѓу другото, и со новинари, бизнисмени, така што да оставиме периодов да тече, да оставиме Обвинителството што ќе каже, судиите, нормално, во еден судски процес. Јас сум навикнат веќе. Навикнат сум на таков тип луѓе и не ме изненадува тоа, бидејќи и тогаш стигнуваа до нас информации што се случува. Tаков тип луѓе, јас би ги нарекол полусвет, немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, пa се занимаваат со туѓите животи. Мислат дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба, некаква предност пред нивните наредбодавци и така ќе напредуваат во кариерата. Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото – зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тим на агенции и на ресурсите со кои тие располагаат – кажа премиерот.

Христовски изјави дека „таканаречената реформирана АНБ во 2019 година била сè, но не била реформирана институција“.

АНБ го известила ЈО за незаконско и неетичко постапување на поранешен директор и група вработени

– Повеќе било фасада од реформирана институција. Една помала група, составена од еден поранешен директор и група вработени, и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, бидејќи се со висока класификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес што е или би бил отпочнат од јавното обвинителство – рече Христовски.

Димовски: Мицкоски не беше таргет

 

И покрај тоа што власта не открива детали под превезот на државна тајна, во јавноста веќе излегоа имиња на следени новинари, обвинители итн. Поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски, кој беше на чело на Агенцијата во периодот кој се споменува – од 2019 до 2022 година – децидно ги демантираше обвинувањата дека Мицкоски бил таргет на некакво следење.

– Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година, во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој, како лидер на тогашна опозициска партија, во периодот од 2019 до 2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки. Точно е дека во наведениот период, во согласност со законските надлежности, во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради одавање класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство. Во врска со тоа, на мое барање, на дневен ред на надлежната собраниска Комисија за надзор на работата на АР и АНБ, беше ставена точката за информирање за случајот и изнесените наводи во електронските медиуми од негова страна – објави Димовски на својот фејсбук-профил.

Димовски го повика својот наследник да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби.

– Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ, го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие што се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушувања! Очекувам дека овој пат нема да има криење со изговори од типот „класифицирани информации со степен на државна тајна“, особено по последните неколку објави во некои „информирани медиуми“ што лиферуваат конкретни имиња на лица што наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници – додава Димовски.

Христовски не одговори дали суспендирал некого во АНБ

 

Христовски не одговори на нашите прашања дали ќе го прифати повикот на Димовски и ќе ги декласифицира документите, ниту на прашањето дали вработените што ја злоупотребувале Агенцијата уште се вработени и дали имало некаква дисциплинска постапка против нив.

Уште неповедено обвинение, Мицкоски ги обвини и ги осуди тие што наводно го следеле.

– Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата. Сакам да порачам – нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши – рече Мицкоски.

Обвинителството само потврдува дека е отворен предмет по известувањата на АНБ и тие се повикуваат на тајноста на предистражната постапка.

– Надлежните институции постапуваат по наредбите издадени од предметниот обвинител во насока на обезбедување на релевантни факти што се неопходни за донесување јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување и ќе придонесат за расчистување на случаите.​ Веднаш по добивањето на известувањата од АНБ за кои покажувате интерес, ОЈО ГОКК отвори предмет, по кој активно се постапува во насока на испитување на наводите од известувањата. Со оглед на тајноста на предистражната постапка, во моментов не може да се споделат детали за преземените и за идните мерки и активности што предметниот обвинител ги спроведува во рамките на своите надлежности – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче повика на темелна истрага и на декласификација наместо лов на вештерки.

– Прво очекувам да има објективно прикажување на работите, фактите да се знаат во јавноста. Доколку е потребно, да има истрага и да биде задоволена правдата. Ние во изминатиот период видовме многу бомбастично најавени скандали од одредени портали, и од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, коишто немаа никаква разрешница. Имаше некаква најава за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, дека ќе има дестабилизација и сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицира информацијата, па да видиме каква е вистината. За да нема лов на вештерки, лов на вештерки, лов во матно мислам дека граѓаните јавноста го заслужуваат тоа – рече Филипче.

Димитар Апасиев откри дека Мицкоски лично го предупредил дека бил следен и прислушуван и тој, како лидер на опозициската Левица, но го обвинува и Мицкоски дека сега тој ги злоупотребува службите и го следи него и неговото семејство.

АНБ го известила ЈО за незаконско и неетичко постапување на поранешен директор и група вработени

– Кога беа протестите против т.н. Француски предлог за бугаризација (2022), ми се јави сегашниот премиер Мицкоски да ме предупреди дека сум следен и прислушуван од службите, заедно со него и со уште пет-шест имиња што нема сега да ги откријам. Му се заблагодарив културно на предупредувањето, иако знаев дека не е искрено туку за да се самозаштити. Денес, гледам, не ме спомнува ич и вика дека само он бил следен. Туку, друго ми беше муабетот – зошто го правиш истото што не сакаш да ти го прават, па денес повторно илегално следиш опозиција (вклучувајќи ме и мене со семејството), преку истите служби кои тебе те следеа? – објави Апасиев на социјалните мрежи.

Последниот скандал со масовното прислушување во време на Мијалков пропадна откако СДСМ и ДУИ со кворум на ВМРО-ДПМНЕ ги донесе измените на Кривичниот законик со кои се спаси главниот осомничен за прислушување илјадници граѓани, Мијалков, и тоа пред власта да ја преземе ВМРО-ДПМНЕ. Безбедносните агенции беа реформирани, па така поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање со која директоруваше Сашо Мијалков стана АНБ, беше формирана Оперативно-техничка агенција како самостоен државен орган и таму премина опремата за прислушување, додека Агенцијата за разузнавање остана во надлежност на претседателот. И покрај реформирањето, АНБ и АР беа критикувани уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција за партизираност и незаконско следење, па „војната“ меѓу сега владејачката партија и раководствата на безбедносните служби не е нова. Во 2020 и 2021 година на чело на АНБ беше Виктор Димовски, поранешен амбасадор, додека АР ја водеше Еролд Муслиу, па наводното следење на Мицкоски било во период додека тие раководеле со овие институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!