
Нов дипломатски адут на САД?
По одлуката на неколку западни земји да ја признаат палестинската државност, САД и натаму остануваат цврсти партнери на Израел и се резервирани во однос на ова признавање
Блискоисточниот конфликт, во чија срж е палестинското прашање, долго време не престанува да го привлекува вниманието на светската јавност, а особено сега кога Газа е речиси срамнета со земја и кога неколку западни земји (Велика Британија, Австралија, Канада, Португалија, Франција…) веќе донесоа одлука да ја признаат палестинската државност и да се залагаат за договор за постоење две држави. Според изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во ООН, САД остануваат стратешки партнер на Израел и сметаат дека овој потег на признавање на палестинската државност од страна на некои земји, всушност, претставува награда за Хамас.
Препорачано
Со создавањето на државата Израел во 1948 година, Палестинците ја губат својата земја и се населуваат во Западниот Брег, во областа Газа и во Источен Ерусалим, што постојано е извор на конфликти и војни меѓу Палестинците и Израелците, поточно меѓу Израел и арапскиот свет. Луѓето таму се раѓаат и умираат во услови на војна, немаштија и беда, што во 21 век претставува ужасна трагедија и срам за целото човештво.
Големите сили, особено по Втората светска војна, на Блискиот Исток гледаат како на полигон од каде што може да се црпи нафта и на отворен пат за политичко и економско влијание кон Средниот и Далечниот Исток. Тамошните земји, особено Сирија, Либан и Палестина, уште тогаш претставуваат реален проблематичен регион, во кој Франција до 1946 година ги поседува Сирија и Либан, а Палестина се ослободува од Британците. Големите сили имаат интерес за Левант најмногу поради природните енергетски богатства, а САД инвестираат милијарди долари во арапскиот свет за развој на нафтената индустрија, со што полека почнуваат да претставуваат влијателна сила што е заинтересирана, пред сè, за економска, па дури и за воена доминација во Источниот Медитеран и на Блискиот Исток. Тие сè поинтензивно манифестираат значаен стратегиски интерес за регионот, што, на некој начин, географски претставува и значајна порта кон Евроазија.
Втората светска војна очигледно ги менува геополитичките аспекти на Блискиот Исток, при што Велика Британија и Франција полека се повлекуваат од доминантната позиција што дотогаш ја имаат, а САД од дефанзивна линија преминуваат во главна сила во регионот во кој остануваат и активно дејствуваат до денес.
Доколку направиме мал историски пресек на настаните што не се случиле толку одамна, ќе согледаме дека на Блискиот Исток и во Источниот Медитеран е создадена нова констелација на силите и на интересите на големите сили. Иако Велика Британија по војната беше воено-политички и економски значително исцрпена и ослабена, таа покажува желба и надеж за зачувување на своите позиции на Блискиот Исток, а Франција е дури во уште понеповолна ситуација, зашто во тој период не успева да се наметне со свое политичко влијание. Тоа умешно го користат САД и во 1946 година во Источниот Медитеран упатуваат американски воени бродови кои ја создаваат познатата Шеста американска флота, со што, пак, започнува и засиленото економско и политичко влијание на САД во тој дел од светот.
Трите големи западни сили, САД, Велика Британија и Франција, во 1950 година ја потпишуваат таканаречената „Тројна изјава“ за преземање одговорност во врска со контролата на трговијата со оружје на Блискиот Исток, за да се создаде извесна воена рамнотежа меѓу Израел, од една, и сите арапски земји, од друга страна. На овој начин Израел воено станува сѐ помоќен, а Египет сѐ потешко се снабдува со оружје, па затоа властите во Каиро решаваат да го купуваат од неколку источноевропски земји, меѓу кои предничи Чехословачка. Значаен момент за развојот на односите меѓу големите сили е тоа што САД во тој период донесуваат одлука да не му даваат финансиска помош на Египет за градење на Асуанската брана, а Каиро, пак, донесува решение за национализирање на компаниите поврзани со градежни зафати околу Суецкиот Канал, потег што е повод за заедничка тројна агресија на Велика Британија, Франција и Израел врз Египет во 1956 година.
Главните светски ривали САД и Русија, поточно Советскиот Сојуз, заеднички застануваат против учесниците на таканаречената тројна агресија против Египет. САД не се на страната на своите главни сојузници во НАТО, Велика Британија и Франција, како што е тоа и сега случајот со признавањето на палестинската државност, па се дистанцираат од нивните воени акции и ја осудуваат таа агресија. Ваквиот став има повеќекратно значење со долгорочни последици за натамошната промена на односот на силите на Блискиот Исток. За Американците ова беше шанса да го елиминираат големото политичко влијание на Велика Британија и на Франција во регионот на Блискиот Исток и да ги амортизираат нивните намери тие да успеат да се наметнат како водечки политички и економски фактор на Блискиот Исток и во Источниот Медитеран.
Интервенцијата на Обединетите нации, преземена во тој период врз основа на резолуцијата „Обединети за мир“, доведе до повлекување на агресорот, што на извесен начин, всушност, значеше повлекување на Велика Британија и на Франција од блискоисточната сцена на подолг период и нивно релативно политичко пасивизирање во однос на случувањата во земјите на подрачјето во кое суверено владееја долги години. Со тоа се отвори простор за долгогодишно активно американско дејствување на политички, воен и економски план во поширокиот регион, за кој неодамна, американскиот претседател изјави дека САД никогаш нема да бидат пасивни во регионот на Блискиот Исток и Источниот Медитеран и нема да бидат неутрални кога се во прашање безбедноста и опстанокот на Израел.
Можеби затоа, некои западни аналитичари сметаат дека оваа ситуација со признавањето на палестинската државност е нова стратешка игра на САД со сојузниците од НАТО и ЕУ, зад која се крие нов американски дипломатски адут, кој допрва може да ја расипе целата политичко-економска и воена игра на Блискиот Исток.
(Авторот е амбасадор, доктор по политички науки)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“