
Норвешка има цел – сите продадени патнички возила оваа година ќе бидат електрични
Норвешка стана модел за транзиција кон електрични возила. Минатата година, официјалната владина статистика покажа дека речиси девет од десет продадени автомобили биле електрични. Во 2023 година, последната година за која има податоци, учеството на електричните возила на светско ниво, според извештајот на Меѓународната агенција за енергетика, изнесувало само 18 отсто.
Препорачано
Норвешка одлучно влезе во борбата против климатските промени, за што помогнаа владините мерки, добрата инфраструктура и јавната поддршка. Целта на Норвешка е сите продадени патнички автомобили да бидат со нулта емисија до крајот на оваа година, што е цела деценија пред целта поставена од ЕУ. Норвешка не е членка на ЕУ. Несомнено е дека големината и богатството на Норвешка ја фаворизираа популарноста на електричните возила.
Таа земја има само 5,5 милиони жители и е една од најбогатите во светот, благодарение на резервите на нафта – по Русија, најголеми во Европа. Сепак, овие факти не се единствените одговорни за постигнатиот напредок, пишува Дојче веле. Други земји, вклучително и Германија, беа критикувани за делумно напуштање на борбата против климатските промени, односно за намалување на субвенциите за нови е-возила пред да се постигнат целите, пренесува Пословни дневник.