Таки Фити/ Фото: МИА

Нобеловата награда за економија во вистински раце

Мое мислење е дека оваа година Нобеловата награда за економија оди во вистински раце, кај проминентни економисти, чии трудови јасно покажаа колку е големо значењето на банките за функционирањето на современите економии.

Нобеловата награда за економија за 2022 година им е доделена на американските универзитетски професори Бен Бернанке, Даглас Дајмонт и Филип Дибвиг, за нивниот придонес во „истражувањето на банките и финансиските кризи“. Нобеловиот комитет соопшти дека тројцата лауреати „значително го подобрија нашето разбирање за улогата на банките во економијата, особено за време на финансиски кризи“ и покажаа зошто, за време на кризи, е многу значајно да се избегне колапсот на банките.
Бернанке е реномиран американски професор по економија, кој работел на престижни американски универзитети (Принстон, МИТ, Њујорк), а од 2006 до 2014 година бил гувернер на Американската централна банка (ФЕД – федерални резерви на САД). Денес работи како угледен професор и истражувач во Броокингс Институтион. Докторирал на тема од областа на најтешката светска економска криза, Големата депресија од 30-тите години на минатиот век и денес важи како еден од најдобрите познавачи на макроекономијата на големите економски и финансиски кризи. Испитувајќи ги причините за појавата на Големата депресија од 30-тите години на минатиот век, Бернанке, иако го дели мислењето на Фридман и Ана Шварц дека Големата депресија се појави како резултат на грешките на Американската централна банка (ФЕД), која во екот на кризата (1929-1932 година) ја намали понудата на пари за една третина и ја втурна американската економија во најголемата економска и финансиска криза, истакна дека ова објаснување не дава одговор на прашањето зошто оваа криза беше толку длабока и силна и зошто брзо се интернационализира, односно се пренесе во најголемиот број земји во светот. Во два многу познати труда, едниот е „Макроекономијата на Големата депресија: Компаративен приод“ (1994), а другиот е „Парите, златото и Големата депресија“ (2004), Бернанке докажува дека настојувањето на САД и другите земји да го одбранат златното важење (во периодот по 1930 година, кога најпрвин британската фунта, а потоа и американскиот долар беа предмет на шпекулативни напади), резултираше со значајно зголемување на каматната стапка на ФЕД, значи со контрапродуктива монетарна политика (во време на рецесија каматните стапки треба да се намалуваат за да се поттикнат инвестициите и да се надмине кризата), со што американската економија, а потоа и другите тогашни развиени земји, беа втурнати во катастрофална депресија.

Големите кризи, какви што беа Големата депресија од 30-тите години на минатиот век и Големата рецесија од 2007-2009 година, по правило се мешани кризи (финансиски и економски), при што силниот пад на економската активност во значајна мера е детерминиран од колапсот на комерцијалните банки. Бернанке, а претходно и Фридман, потсетуваат дека за време на Големата депресија од 30-тите, смалената понуда на пари (за Фридман тоа беше грешка на ФЕД, а за Бернанке ФЕД немаше друга опција освен да ја зголеми основната каматна стапка за да не ги изгуби златните резерви), доведе до банкарска паника (се случи „јуриш“ кон банките и штедачите побрзаа да си ги подигнат своите штедни влогови, а смалената понуда на пари ги направи банките неликвидни), поради што во САД пропаднаа една третина од комерцијалните банки.

Тоа се случи и во низа други земји: Австрија, Белгија, Франција, Германија итн. Заслуга на Бернанке е што меѓу првите макроекономски теоретичари покажа дека колапсот на банките води до депресија и го сврти вниманието на економската наука кон потребата за поопстојно испитување на улогата на банките и на финансискиот систем во целина за развојот и продлабочувањето на големите кризи, т.е. за трансформација на рецесиите во депресии. Општопознат е фактот дека во време на големи кризи (длабоки рецесии кои се граничат со депресии или се претвораат во депресии) се јавува феноменот на ликвидносна стапица – силно намалување на номиналните каматни стапки, нивно приближување до нула или дури и навлегување во зона на негативни вредности, поради што монетарната политика станува неефективна и не може да се употреби за зауздување и надминување на кризата.

Имено, монетарната политика, во услови на благи рецесии, дејствува со намалување на референтната каматна стапка, а со тоа и на целата кошничка на каматни стапки, за да ги поттикне инвестициите и да ја спречи рецесијата. Но кога каматните стапки паднат на нула, тие не можат понатаму да се намалуваат. Владите се свртуваат кон мерките на фискалната политика (големи фискални стимули) за да се поттикне заживувањето на економската активност. Феноменот на ликвидносна стапица се случи и за време на Големата депресија и за време на Големата рецесија од 2007 до 2009 година. Во екот на Големата рецесија од 2007 до 2009 година, Бен Бернанке беше гувернер на Американската централна банка. Во тој период, а и неколку години потоа, Бернанке, но и бројни други реномирани макроекономисти, дадоа нови објаснувања за улогата на монетарната политика и на банките во ваква констелација на услови. Што се однесува до комерцијалните банки, тие во услови на ниски каматни стапки близу до нула, можат да позајмуваат пари од централната банка под поволни услови и да им одобруваат кредити (заеми) и на претпријатијата и на домаќинствата со ниски каматни стапки.

Но, тие тоа не го прават. Поради големиот кредитен ризик банките не сакаат да позајмуваат. Напротив тие стануваат многу претпазливи и рационираат. Тие одбиваат да им даваат кредити на претпријатијата, особено на оние претпријатија со послаба перформанса. Од друга страна, претпријатијата и домаќинствата, притиснати од дефлациските очекувања, исто така, се воздржуваат од позајмување. Тие се свесни дека при ниски номинални каматни стапки, блиски до нула, доколку се јави дефлација, ќе дојде до пораст на реалните каматни стапки, поради што, порано земените кредити ќе ги враќаат со пари со поголема вредност. Така, банкарскиот систем и финансискиот систем во целина стануваат нефункционални. Оттука, ако банките одбиваат да даваат кредити, ако претпријатијата и домаќинствата одбиваат да позајмуваат средства од банката, излезот од кризата станува долг, мачен и несигурен процес. Овој факт ја потврдува исклучително значајната улога на банките и на финансискиот систем за развојот и продлабочувањето на кризата.

Бернанке, како гувернер на ФЕД, се застапуваше и имплементираше т.н. неконвенционална монетарна политика, при што главен инструмент на политиката беа т.н. квантитативни олеснувања, т.е. масовно купување државен имот и во помали размери приватен имот, т.е. голема количина хартии од вредност, од страна на централната банка, со што во економијата се вбризгува голема ликвидност за да се надмине кризата. Се смета дека Бернанке, благодарение на неговите продлабочени истражувања и знаења за феноменологијата на Големата депресија, во практиката, како гувернер на Американската централна банка, одлично ги структурираше мерките на неконвенционалната монетарна политика (покрај квантитативните ограничувања, тука се и негативните каматни стапки и информирањето на економските субјекти за идното движење на референтната каматна стапка, инфлацијата и невработеноста) и дека негова голема заслуга е што спречи Големата рецесија да се трансформира во голема депресија, како онаа од 30-тите години на 20 век. Споменативе прашања, поврзани со Големата рецесија, Бернанке, по завршувањето на мандатот Гувернер на ФЕД, опстојно ги елаборираше и аргументираше во неколку статии посветени на модифицирањето на рамката на монетарната политика на САД, на каматните стапки близу до нула и на значењето на комуникациите (информирањето) на економските субјекти за идната политика на американската централна банка.

Придонесите на Даглас Дајмонт и Филип Дибвиг – другите двајца лауреати, најпрвин се заслужни за конструкција на теоретски модел (кој е и формализиран, односно математички прикажан) во кој се објаснува зошто постојат банките, како тие ја извршуваат основната функција (трансформација на штедењето во инвестиции), како го разрешуваат основниот конфликт во овој домен – домаќинствата да можат да ги подигнат своите заштеди (депозити) секогаш кога тоа го сакаат, а претпријатијата да можат да мобилизираат заеми за реализација на долгорочни инвестициски проекти, понатаму, зошто ваквата функција во време на финансиски кризи се нарушува и кои се консеквенциите за економијата во целина од колапсот на банките. Даглас и Дејмонд потсетуваат дека депозитите (штедните влогови на домаќинствата) се клучни, бидејќи штедачите не доаѓаат да ги подигнат своите депозити во еден ден, освен во време на банкарска паника, бидејќи дел од депозитите се долгорочни и сл., и на тој начин банките се способни да ги трансформираат краткорочните ликвидни средства (депозитите) во долгорочни неликвидни средства (банкарски заеми). Двајцата автори, и посебно Дајмонд, го нагласуваат значењето на надгледувањето на заемопримателите од страна на банките, преку оценката на исплатливоста на инвестициските проекти, нивната профитабилност и , врз таа основа, кредитната способност на инвеститорите. Преку добро мониторирање на заемопримателите, преку воздржување од давање наеми за лоши проекти, банките го намалуваат ризикот од пропаѓање.

Тие, исто така, водат сметка да не се случи голема концентрација на заеми кај мал број заемоприматели (го спроведуваат принципот „не ги ставајте сите јајца во една кошничка“) и на тој начин се штитат себеси, но ги намалуваат и потенцијалните општествени трошоци поврзани со пропаѓање на банките. Општествените трошоци од колапсот на банките се енормни, бидејќи двата големи макроекономски сектора (претпријатијата и домаќинствата) остануваат без кредити, со што дополнително се намалува агрегатната побарувачка и вкупната економска активност. Понатаму, колапсот на банките го прави излезот од кризата долг, тежок и мачен процес. Самата санација на банките што треба допрва да уследи, исто така е долг и многу скап процес.

Тројцата лауреати го нагласуваат големо значење на регулаторните тела за доброто функционирање на банките (банките денес влегуваат во сферата на најрегулираните бизниси). Во овој контекст, во поново време, во САД се покрена и прашањето за потребата од регулација на финансиските институции од типот на инвестициски банки, банки во сенка, хеџ-фондови, кои не прибираат депозити од граѓаните и не подлежат на супервизија на централната банка, поради што во нив се лоцира значаен дел од причините и вината за појавата на Големата рецесија од 2007 до 2009 година.
Мое мислење е дека оваа година Нобеловата награда за економија оди во вистински раце, кај проминентни економисти, чии трудови јасно покажаа колку е големо значењето на банките за функционирањето на современите економии. Тројцата лауреати се заслужни за афирмирањето на потребата, во методолошката рамка на испитување на современите бизнис-циклуси, во иднина, многу повеќе отколку што тоа беше случај досега, да се вклучат банките и целокупниот финансиски систем, т.е. нивната улога во настанувањето и продлабочувањето на кризите, во нивното надминување, но и во нивното превенирање во иднина.

 

Авторот е професор по економија и академик

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот