
Ниту лавина, ниту цунами, ниту километарски листи, на полноќ истекува рокот за поднесување потписи за независни канадидатури
И покрај тоа што до истекот на рокот имаше можност да се зголеми бројот на независните кандидати со собрани потписи, сепак, на локалните избори најверојатно нема да се случи изборно цунами, иако првпат на локалните избори за независните кандидатури се потребни само два потписа.
Најмалку 10 кандидати ќе влезат во трката за градоначалник на Скопје, ако Државната изборна комисија утврди дека кандидатурите се во ред. Рокот истекува на полноќ, па можно е во меѓувреме дополнително да стасале потписи за независни кандидатури за прв човек на метрополата.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до пладне беа собрани потписи за 32 кандидати за градоначалници за 19 општини. За членови на општинските совети потписи се собираа во 15 општини за вкупно 34 листи.
И покрај тоа што до истекот на рокот има можност да се зголеми бројот на независните кандидати со собрани потписи за поддршка, сепак, на локалните избори закажани за 19 октомври најверојатно нема да се случи изборно цунами, иако првпат на локалните избори за независните кандидатури се потребни само два потписи. Ова предизвика стравувања од голем број кандидатури кои можеа да го обременат, па дури и да го доведат во прашање целиот изборен процес.
Според информациите од ДИК, до вчера напладне за градоначалници собираа потписи вкупно 32 кандидати за 19 општини. Најмногу, шест кандидати, собираа потписи за кандидатурите за градоначалник на Скопје, Прилеп, Долнени и на Шуто Оризари. По пет кандидати собираат потписи за градоначалници на Гостивар и Демир Хисар, а по двајца независни кандидати – за Македонска Каменица, Охрид, Куманово, Дебарца, Струга, Дебар, Центар, Демир Капија, Македонски Брод, Кочани, Битола, Могила и Новаци.
Освен шесте независни кандидати, од кои веќе се промовираа архитектот Горан Марковски од „Независни заедно“ и професорот по дизајн Александар Марковиќ, поддржан од ТМРО, во битката за градоначалник на Скопје влегуваат актуелниот градоначаник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и ексминистерката за екологија Каја Шукова од СДСМ. За фотелјата на првиот човек на Скопје ќе се борат и пратеникот Скендер Реџепи-Зејд како кандидат на Национална алијанса за интеграција и Башким Бакиу од коалицијата Вреди.
Препорачано
И додека е голем интересот на независните за градоначалник на метрополата, впечатливо е дека неколку часа пред истекот на рокот нема независна советничка листа за Советот на Град Скопје. За членови на совети потписи се собираат за 15 општини, и тоа по две за Куманово, Старо Нагоричане, Дебар, Свети Николе, Лозово, Карпош, Македонски Брод, Кочани, Чешиново- Облешево, Битола, Прилеп, Долнени, Чучер-Сандево и Могила.
Листите со кандидатури за градоначалници и советници треба да бидат доставени до ДИК најдоцна до 13 септември. Откако листите ќе бидат утврдени, до почетокот на кампањата која почнува на 29 септември, сите учесници на изборите, и независните и партиските, ќе можат да организираат само по еден јавен настан за промоција на кандидатите и изборните програми.
Ако не се случи „лавина“ од независни кандидати, ќе нема ни километарски гласачки ливчиња, на што предупредуваа и премиерот и правни експерти. Сепак, останува неизвесно дали некој по завршувањето на локалните избори ќе го оспори изборниот процес, бидејќи Собранието не определи праг за потписи на независните кандидати, а ДИК тоа го уреди со правилник.
Речиси е извесно дека и новите градоначалници не ќе може да бидат отповикани, без оглед дали граѓаните се незадоволни од нивната работа, бидејќи никакви се шансите до 12 септември Собранието да ги изгласа измените на Законот за локална самоуправа, иако ресорниот министер Златко Перински не губи надеж. Клучните измени на Законот, освен отповикување на градоначалниците на референдум, се и воведување задолжителна комунална полиција и нови градски архитекти. Законот заглави во Собранието, бидејќи власта нема Бадентерово мнозинство кое е неопходно за измена на овој закон. Ако законот не се донесе до 12 септември, новите правила на игра во локалната власт би важеле за градоначалниците избрани на изборите во 2029 година, под услов измените да бидат донесени по изборите.