
„Ниту една повеќе!“ повикува денес на блокада пред паркот „Жена борец“
Феминистичкото движење за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе!“ ги повикува граѓаните денеска да им се придружат на блокадата која ќе се одржи од 18 часот пред паркот „Жена борец“ во Скопје.
Препорачано
Целта, како што велат организаторите, е да се зборува гласно и солидарно за еднаквост и живот без насилство.
„Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе. Целта ни е да изградиме заедништво и решително да покажеме дека не може да се продолжи како досега – да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени“, посочуваат од „Ниту eдна повеќе!“
Оттаму ги повикуваат сите граѓани да кажат што треба да се подобри во системот и заедно да дискутираат за решенија.