Александар Јанев

Ни требаат системски решенија за безбедноста во сообраќајот, вели директорот на БЈБ Јанев

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека се направени детални анализи на сообраќајната ситуација во државата, при што биле мапирани критичните точки со најголем ризик за сообраќајни несреќи.

„Проблемот со сообраќајот е согледан и анализиран. Мапирани се критичните точки низ целата држава, не само во Скопје. Започнуваме со системски пристап за зголемување на безбедноста, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и сите релевантни чинители“, изјави Јанев.

Тој рече дека прекршувањето на сообраќајните правила може да има фатални последици и повика на поголема свест кај граѓаните.

„Не може ако знакот е 60, некој да вози 100. Ако е 100, да вози 200. Работиме на законски измени, со кои мерките ќе бидат порестриктивни, а казните повисоки. Но најважно е да ја промениме свеста – доколку не го почитуваме ограничувањето и возиме со несоодветна брзина, ние стануваме потенцијални убијци на патот“, предупреди Јанев.

Дополнително, тој изрази загриженост за учеството на малолетници во сообраќајот и апелираше до родителите да не дозволуваат нивните деца да управуваат возила без соодветни дозволи.

„Како родител и како предводник на институција, сметам дека мора да ја подигнеме нашата лична свест. Не треба да им овозможуваме на малолетници пристап до моторцикли и други возила без возачка дозвола. Тоа претставува огромен ризик за нивниот живот и за безбедноста во сообраќајот“, додаде Јанев.

Тој најави дека ќе следуваат системски мерки за подобрување на безбедноста, со фокус на технологијата и елиминација на човечкиот фактор во одредени сегменти, со цел поголема ефикасност во контрола на сообраќајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот