
Незири: Има реални шанси Бугарија да го тргне ветото до јуни
Новиот пристап со почести средби на петте работни групи, но и средбите на високо политичко ниво се знак дека има реални шанси до крајот на јуни, за време на француското пртетседателство, Бугарија да го тргне ветото од преговарачката рамка за Македонија, оценува аналитичарот Џелал Незири.
Препорачано
– Има реални шанси до крајот на јуни да се приближат ставовите, а решението до кое ќе се дојде и не мора да е конечно решение, но ќе овозможи Македонија да ги почне преговорите за членствио во ЕУ. Во Скопје и во Софија сега имаме две влади кои отворено покажуваат политичка волја за соработка и за да се најде решение, тоа се нови влади на почеток на мандатите и ги имаат сите потребни фактори за позитивно поклопување на коцките. Ако излезното решение е отварање на македонскиот Устав и вметнување на Бугарите како малцинство, јасно е дека не може да се реализира веднаш или во брз рок, пред се заради противењето на опозицијата, но во договорот може да се сугерира таа постапка или да се понудат гаранции за неа. Треба да се направи стратегија, затоа што се знае дека овој спор не е од таква природа што мое да се реши брзо или со еден потпис. Но, се гледа дека има волја за да се дојде до решение – вели Незири за „Слободен печат“.
Во врска со опасноста да падне бугарската влада ако премиерот Петков покаже големо попуштање кон Македонија, Незири вели дека токму тоа е една од причините што Петков си даде период од шест месеци за решавање на проблемиот, со цел прво да се вклопи во новиот политички амбиент.
– Очекувам дека тој ќе успее да управува со тие процеси и внатре во Бугарија и да ги убеди граѓаните дека блокадата кон Македонија, освен што им нанесува штета на Македонија и на Албанија, ѝ штети и на Бугарија. Изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев од пред некој месец и наметнувањето на уставените измени како неопходен услов за деблокадата е всушност точката на спојување, едно излезно решение од ситуацијата во која навлегоа. Оти, тие одбиваат да има двојно толкување на историјата и бараат да го прифатиме само нивното толкување, што не е можно. Се знае дека тие научни проблерми и прашања се оставаат на науката и за дурги видови дебати, не за политички – вели Незири.