жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

(Не)законско пуфкање, законско умирање

Таму некаде се фалсификуваат документи и се инвестира во диви градби, диви вработувања, се прават услуги за услуги без усули, се трошат општински пари како да нема утре, а утре пак истите сакаат да бидат исти и ќе бидат… тоа таму некаде.

И така, на некои места низ светот има градоначалници што фрлаат ѓубре на улици наместо да го собираат, се сликаат за постери во магазини и списанија (дознавам дека многумина се прашуваат дали ќе има и дуплерица со заводлива насмевка и градоначалничка разголеност, за разубавување на ѕидовите во механичарските работилници и канцелариите), ама за тоа, велат да сме почекале до пред локалните избори. Таму некаде се фалсификуваат документи и се инвестира во диви градби, диви вработувања (знаете, она – кандидатот нема врска, ама има врски), се прават услуги за услуги без усули, се трошат општински пари како да нема утре, а утре пак истите сакаат да бидат исти и ќе бидат… тоа таму некаде. А тука, работите се посериозни.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, кој е градоначалник од 2016 година и „го тера“ третиот мандат, редовно поведува акции. Тој, меѓу другото, бара и поголем буџет за градот, кој може да се смета и за своевидна „држава во мало“, па за одржување на државата требаат повеќе пари. Садик сака „Народна Република Лондон“, прашаа некои, главно конзервативци, на кои не им успеаја досегашните кампањи за прогласување на Лондон во Лондонистан. Но тој, исто така, во паузата меѓу барањето пари и одењето во Бакингемската палата каде ја доби титулата Лорд, па сега е Лорд Садик, поведе акција за легализирање на марихуаната! Не многу, само малку, и за лична употреба. Вели дека нема смисла млади (а и повозрасни, возрасни и навистина возрасни) да бидат апсени и да им се создаваат кривични досиеја за некој грам тревка. Полицијата и онака има премногу други работи со кои треба да се занимава, вели тој, а не да го троши времето, парите и документацијата на вакви работи. Фрлени пари, вели Садик, како чад во воздухот од рекреативното пуфкање.

Право да се умре

Е сега, рекреативно или не, за ова допрва ќе се расправа. Но затоа, во парламентот, по бурна дебата, помина законот кој дозволува терминално болните пациенти да можат да си го одземат животот, порано и предвреме, односно законот за евтаназија – умирање со помош. Овој закон, познат како Терминално болни возрасни (закон за крај на животот), сега се разгледува во Домот на лордовите, што е редовна постапка пред да стане закон. Поддржувачите на овој закон побараа озаконување на евтаназијата во ЈуКеј, наместо како досега, одење во Швајцарија и во „Дигнитас“, каде што овој чин е законски и каде што повеќе од 500 Британци го окончаа нивниот живот. Исто така, се вели дека терминално болните треба да имаат право на избор и спомнуваат случаи каде што луѓето си го одземаат животот во тајност, бидејќи законски никој не може да им помогне и дека не е фер само оние со пари да можат да си ја „дозволат Швајцарија“. Противниците, пак, велат дека постарите или хендикепираните би можеле да бидат манипулирани – отворено или прикриено – да си го окончаат животот, за да се заштедат пари или за да не им бидат на товар на семејствата. Гласањето, инаку, ќе биде една од најголемите промени во социјалната политика во Обединетото Кралство, од времето на легализацијата на абортусот во 1967 година. Ако помине кај лордовите, се очекува да поминат барем четири години за целосна имплементација.

Право да се пуфка

Но, да се вратиме ние на канабисот, марихуаната, тревката или како кој милува да ја нарече. Според законот, канабисот тука е класифициран како Класа Б наркотик и е незаконски. Секој фатен со оваа дрога би можел да добие затворска казна од пет години, а за снабдување дури до 14 години затвор и неограничена парична казна. Казната зависи од количеството и криминалното досие на фатениот. Полицијата може да изрече казна на лице место од 90 фунти за некој фатен со канабис. А може да се изрече и опомена. Од 16.101 случај на „иматели на канабис“ во 2016 година на пример, 292 добиле затворска казна. Сега бројките се поголеми, но гласовите за легализација се побројни – да се декласифицира канабисот од Класа Б во Класа Ц, со што ќе се намалат максималните казни за поседување и снабдување.
А дека тоа, всушност, функционира, се покажа во 2001 година кога тогашната лабуристичка влада го стори токму тоа – го рекласифицира канабисот. И ова се покажа како исклучително ефикасно, па во извештајот на Министерството за внатрешни работи од 2005 година беше наведено дека како резултат на ова биле заштедени 199.000 полициски часови.

Што значи дека полицијата можела со повеќе сила да им се посвети на други кривични и слични прекршоци, дела и злодела. Но и покрај ова, во 2007 година, премиерот Гордон Браун го врати канабисот во Класа Б, и покрај советот на сопствената владина комисија дека потегот е штетен. Тоа е тоа, кога десната рака на владата не знае или не ја слуша левата.

Според оние што водат кампања за легализација, меѓу кои сега е и Лорд Садик, фактите говорат дека прохибицијата не ги спречува луѓето да пуфкаат, пафкаат и уживаат. А некои и да се лекуваат, зашто медицински докажано е дека тревката ја олеснува болката. И дека забраната во денешно време е драконска – посебно ако се има предвид дека многу земји во светот (да не ја спомнуваме Холандија, ама како Германија, Канада и Малта на пример) го легализираа канабисот за користење на возрасни. И другите земји се освестија дека забраната не ги спречува луѓето да користат канабис, туку го зголемува криминалот на бандите во производство и снабдување.

Легализација и релаксација

И покрај сега засега високите казни, канабисот останува многу популарен во Обединетото Кралство. Се проценува дека најмалку 7,5 милиони луѓе пробале марихуана. Редовни корисници има 2,6 милиони, со што е создаден незаконски пазар вреден од 2,57 милијарди до 6 милијарди фунти годишно.

Па кога ќе се легализира тревката? И покрај тоа што лабуристите на Сер Киер Стармер во програмата пред изборите рекоа дека ќе сторат нешто на овој план, сега како да се премислуваат. А конзервативците, кои се опозиција, ама не многу јака, е веројатно да се против какви било разумни предлози на власта. Во меѓувреме, на лекарите специјалисти тука им е законски овозможено да препишуваат лекови на база на канабис на рецепт, нешто што го користат 1,8 милиони луѓе. Ама процесот е долг, не оди на државно здравство, а приватното е скапо.

И тука, како и за асистенцијата за еутаназија, треба еден куп документи, лекарски наоди и време – многу време. Така што, и да се „одјави“ човек пред време и да се „изрелаксира“ пред да мора да се одјави, законски и без апсења, ќе минат години. Најмалку четири. Во меѓувреме ќе се прават – незаконски работи. Корисни, ама незаконски. Како за кој.

Писма од Лондон

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот