
Невозможно е да се заштити целата подводна инфраструктура во Балтикот, смета експерт на НАТО
Присуството на НАТО во Балтичкото Море се засилува по саботажата на подморските кабли, но според експерт на НАТО, „невозможно“ е да се заштити сета чувствителна подморска инфраструктура.
Препорачано
НАТО неделава одлучи да ги заштити подморските кабли во областа по серијата инциденти кои ја зголемија загриженоста за можна руска активност.
Неколку подводни телекомуникациски и преносни кабли за електрична енергија беа оштетени во Балтичкото Море во последните месеци. Европските лидери и експерти се сомневаат во акции на „хибридна војна“ од страна на Русија. Тие бараат безбедносни мерки по наводната саботажа на подморските кабли.
Но, се смета дека е „невозможно“ за земјите-членки на НАТО да ја заштитат сета чувствителна подморска инфраструктура, кабли и цевководи од можна саботажа, со оглед на опсегот на мрежата, според она што го изјави претставник на Алијансата, кој е експерт за овие прашања.
„Не можете да ставите брод во секоја наутичка милја на гасоводот или кабелот. Таа мисија е невозможна“, изјави за АФП Нилс Маркусен, капетан на Данската морнарица, кој го предводи Поморскиот центар на НАТО за безбедност на критичната подморска инфраструктура.
„Има речиси 50.000 големи бродови во светот кои би можеле да ја оштетат инфраструктурата со фрлање сидро“, додаде тој.