Министерство за правда / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Неуставно е за „црните листи“ Владата да суди наместо судот

Неуставен и спротивен на Европската конвенција за човекови права е предлогот на новиот закон за рестрикции, реагирало Министерството за правда, кое дало негативно мислење до Владата за предлог-законот од Министерството за надворешни работи. Со ова законско решение, власта сака да ги казнува лицата кои се нашле на „црните листи“ на САД и Велика Британија, да им замрзнува и конфискува имот, да ги отстранува и да им забранува јавна функција, да им забранува учество во тендери и ред други мерки, ама само со владина одлука, врз основа на сомнение и без правосилна судска пресуда!

Во негативното мислење, потпишано од министерот за правда Кренар Лога, се вели дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ е „во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на Република Северна Македонија“. Според Министерството, судот суди, а не Владата, па предлогот остава сомнеж за злоупотреба на рестриктивните мерки за политички цели.

Што предвидуваат измените на Законот за рестрикции

Пред неколу месеци, САД го ставија на својата т.н. „црна листа“ бизнисменот Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер за економски прашања, поради „вмешаност во значителна корупција“. На оваа листа се и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и други. По ставањето на Анѓушев на американската „црна листа“, претставници од власта, на чело со вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, најавија дека со законски измени ќе овозможат веднаш да се преземат мерки кон лицата што се нашле на вакви листи на нашите меѓународни партнери.

Но, начинот на кој се планира тоа да се спроведува е спорен.

Според предлог-решението, повеќе извршни институции можат да ѝ предложат на Владата да воведе санкции кон одредени лица. Тие институции имаат обврска сите докази да ги достават и до Јавното обвинителство, а ЈО ќе мора задолжително да почне кривична постапка и да ја заврши во рок од шест месеци. Предлагачи на рестрикции до Владата може да бидат МНР, МВР, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Финансиската полиција итн.

Мерките против лицата ќе се воведуваат врз основа на правно обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на ОН и правни акти на ЕУ, како и досега, а ново е што се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство.

Битна разлика во новиот предлог-закон е што досега рестрикции можеа да се воведуваат само кога е во прашање тероризам или пролиферација, а сега се предлага да се воведуваат и за корупција и други кривични дела против службената должност. Мерките што се на располагање остануваат исти како и досега: ембарго на стоки и услуги, ембарго на оружје, забрана за влез, финансиски мерки, во што влегува и конфискацијата.

Спротивен на концептот на правната држава

Според Министерство за правда предлогот не е во согласност со Уставот и казненото право воопшто, спротивен е на концептот на правна држава, има директна повреда на меѓународните стандарди, има сомнеж за злоупотреба за политички цели, се прекршува правото на сопственост, а се прекршува и пресумпцијата на невиност.

– Министерството за правда смета дека донесувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто. Воведувањето вакви мерки, со владина одлука врз основа на основи за сомневање за случаи на корупција и криминал, претставува директна повреда на одредбите од Уставот и на меѓународните стандарди. Во кривичната постапка, за предметот да дојде во судска постапка е неопходно основите за сомневање да се потврдат на ниво на основано сомневање и потоа на ниво на обвинување. Дури потоа пред судот, во јавна и контрадикторна постапка, е потребно да се докажува вината на обвинетиот. Спротивно на ова, во предлог-законот се предлага врз основа на основи за сомневање да се воведат рестриктивни мерки, меѓу кои и замрзнување на имотот на определено правно или физичко лице, без спроведување постапка и со одлука на Владата. Министерството за правда укажува дека ова е од исклучително значење, бидејќи судот е орган на судската власт, а Владата е дел од извршната власт, што остава сомнеж за злоупотреба на рестриктивните мерки за политички цели – пишува во мислењето на Министерството за правда.

Калајџиев: Обвинителството да поведува постапка кога ќе има докази

За ваквиот предлог деновиве реагираа и повеќе правници, кои го оценуваат како неуставен, скандалозен, погрешен и како нов упад од власта во правосудството, по оној со измените на Кривичниот законик.

Универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев вели дека сè што е предвидено со овие измени е погрешно, почнувајќи од тоа што МНР и безбедносните служби ќе имаат одлучувачка моќ, бидејќи се предлага да се надлежни органи кои ќе доставуваат предлози за воведување на рестриктивни мерки.

– Правната фела е изненадена, да не речам згрозена од незрелоста на овој пропис. Упаѓањето во оваа сфера од извршната власт со оставена можност пред Управен суд да се водат некакви управни спорови коишто долго траат, би значело на некој начин неуставно зафаќање во човековите права. Овие правни акти од странска држава, „црните листи“, никаде не се применуваат директно во трета држава. Тие во суштина се една политичка одлука и тешко би можело каква било „црна листа“ од една држава да има директни последици во друга, па макар и да се признае. Обврската за Обвинителството да мора да поведе постапка е исто така спротивно на Уставот и Законот за кривична постапка. ЈО треба да поведе постапка, да, но тогаш кога има докази – вели Калајџиев.

Според него целта на власта со овој предлог е да собира политички поени откако доби критики ка не презема ништо против лица кои САД ги стави на нивната „црна листа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот