Три жртви во нападот врз католичката црква во Газа/Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Нетанјаху за нападот врз католичката црква во Газа: Извинете, по грешка беше

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се извини за вчерашниот напад во кој загинаа три лица во католичката црква „Свето семејство“ во градот Газа – единствената католичка црква во палестинската енклава – нагласувајќи дека таа била погодена „по грешка“.

„Израел длабоко жали што залутан оган ја погоди црквата „Свето семејство“ во Газа. Секој изгубен невин живот е трагедија. Ја споделуваме болката со семејствата и верниците“, рече Нетанјаху, според соопштението објавено од неговиот кабинет.

Во соопштението се нагласува и дека израелските власти „го истражуваат инцидентот“.

Во Вашингтон, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп го повикал Нетанјаху „за да разговараат за нападот врз црквата во Газа“. „Вината е на Израелците што ја погодија оваа католичка црква, тоа му го кажа премиерот на претседателот“, додаде портпаролката.

Израелската армија, од своја страна, соопшти дека „прелиминарната истрага покажала дека остатоците од граната испукана за време на операцијата во областа случајно ја погодиле црквата“.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави преку Икс дека „остро“ го осудува нападот и додаде дека „разговарал со кардиналот Пикамбала, латински патријарх на Ерусалим“, на кого му ја изразил „солидарноста на Франција со сите христијани во Палестина“.

Француската дипломатија претходно го осуди „неприфатливото“ бомбардирање.

Според соопштението од Латинската патријаршија на Ерусалим, црквата служела како засолниште за малата католичка заедница и била „погодена од израелската армија“. Истиот извор објави дека има тројца мртви и 10 ранети, вклучувајќи го и отец Габриел Романели, за кој првично беше објавено дека е повреден.

За патријаршијата, таргетирањето „на свето место кое е дом на околу 600 раселени лица, од кои повеќето се деца, е очигледно кршење на човековото достоинство“ и „светиот карактер на местата за богослужба, кои треба да понудат безбедно засолниште во време на војна“.

Латинскиот патријарх Пјербатиста Пицабала за „Ватикан њуз“ изјави дека „она што го знаеме со сигурност е дека тенк директно ја погодил црквата. Израелската армија вели дека тоа било случајно, но ние не сме сигурни“.

Папата Лав XIV се прогласи за „длабоко ожалостен“ и го повтори својот повик за „итно прекинување на огнот“ во Појасот Газа.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, од своја страна, го потврди нападот врз црквата „Свето семејство“ и рече дека „нападите врз цивилното население во Израел со месеци се неприфатливи“.

Во палестинската енклава живеат околу 1.000 христијани. Повеќето се православни, но, според Латинската патријаршија, околу 135 се католици.

ВИДЕО | Крвав напад со две жртви врз единствената католичка црква во Газа, реагираше Рим

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот