Росица Коцева / Илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова
Росица Коцева / Илустрација „Слободен печат“ Елисавета Бејкова

Непостапувањето за Росица ќе влезе во предистрага на Обвинителството

Не е познато дали кога не се постапувало, тоа било за пријавите за насилството, за омаловажувачките графити испишани во Велес за Росица, или пак за нешто друго. Сигурно е дека таа месеци пред фемицидот пријавила дека ѝ бил запален автомобилот во Велес а до ден денешен за пеплосувањето на автомобилот не е процесуиран ниту еден осомничен.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и неговото одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, уште го немаат добиено известувањето што во петокот МВР соопшти дека им го испратило за 11 вработени во СВР Велес. Полицајците направиле пропусти за пријавите што ги поднесувала убиената Росица од Велес во минатото, односно полицијата не секогаш постапувала по нив. Но, не е конкретно наведено на што се однесувале пријавите и конкретното непостапување на полицијата.

Сепак, кога ова одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања ќе го добие известувањето од МВР, тоа ќе влезе во предистражна постапка и ќе биде тајна, велат од ОЈО ГОКК за „Слободен печат“ откако прашавме што содржи известувањето, односно за кои пријави на Росица полицијата затаила.

Министерството за внатрешни работи поведе дисциплински постапки против 11 вработени во СВР Велес за Росица која беше убиена од поранешниот љубовник Илија Стефановски. Без детали полицијата соопшти дека дисциплинската постапка против полициските службеници е поради тоа што „не постапиле целосно и согласно процедурите по дел од пријавите што Росица ги поднесувала во полицијата“ но не наведоа кои се тие пријави и на што се однесуваат.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по насока на министерот Панче Тошковски извршил детални проверки за постапувањето на полициските службеници од СВР Велес во врска со пријавите на жртвата Росица.

Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите, информираше  МВР.

Не е познато дали кога не се постапувало, тоа било за пријавите за насилството, за омаловажувачките графити испишани во Велес за Росица, или пак за нешто друго. Сигурно е дека таа месеци пред фемицидот пријавила дека ѝ бил запален автомобилот во Велес а до ден денешен за пеплосувањето на автомобилот не е процесуиран ниту еден осомничен.

Пријател на Росица чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата но тој бараше да го заштитиме, ни рече дека истрагата за запалениот автомобил на Росица во Велес се одолговлекувала, што било причина таа да бара помош и да го најде телефонскиот број на министерот за внатрешни работи Тошковски.

-Знаев сè што се случуваше со неа. Ситуацијата беше следната: Едно утро низ Велес се појавија повеќе од 10 графити со навредлива содржина за Росица. Таа го пријави нејзиниот поранешен партнер во полиција за тоа. После една недела од ситуацијата со графитите, автомобилот ѝ беше земен од пред куќа и истиот ѝ беше запален. Случајот со автомобилот се одолговлекуваше скоро еден месец при што Росица најде телефонски контакт од министерот Панче Тошковски. Седевме на кафе и беше разочарана од ситуацијата колку време се влече целата постапка и ми кажа дека стигнала да го исконтактира министерот. Ја цитирам „Му ѕвонев на министерот, на Панче, оти преку глава ми беше од овие овде, ја влечат целата работа“, изјави тој за „Слободен печат“ минатата недела.

Во јавноста објавена беше пораката која Росица му ја испратила на Тошковски но министерот демантираше дека ја примил. Во пораката пишуваше:

Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември месец па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е се уште на слобода. Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин, пишува во пораката каде се додаваат и бројот на предметот во Велес и бројот на предметот во Скопје.

Во врска со опожарениот автомобил на Росица Обвинителството уште пред три месеци издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео-надзор од различни локации во градот. МВР три месеци, од 26 јуни 2025 година постапува по овие наредби и кривична пријава не е поднесена за никого.

На фемицидот кој се случи во Велес му претходело долготрајно малтретирање и бројни пријави во полиција. Во полициските архиви во Скопје пак, за Илија Стефановски уште 4 девојки од 2013 пријавиле дека им го украл мобилниот телефон, пишувал навредливи графити за нив, ги следел и ги демнел. Една од тие девојки за „Слободен печат“ изјави дека Стефановски ѝ упатил смртни закани на неговата сестра.

Росица многукратно го пријавувала Илија во полиција – ја вознемирувал додека го шетала кучето, ја нападнал во двор на основно училиште во Велес, во ходник од зграда нападнал велешанец додека бил со Росица. Сите овие малтретирања се случиле за само три месеци и не престанале. Пишувал навредливи графити со нејзиното име и презиме, пишувал пораки за неа и им ги праќал на татко ѝ и на нејзина пријателка, на влезната врата од продажен салон оставил УСБ-стик кој го залепил, а во кој имало фотографии и видеа од нив двајцата, го запалил семејното возило „мицубиши“. Во меѓувреме и тој ја пријавувал во Скопје.

Убиството се случи на 15 септември попладнето, кога Илија со нож ги избол Росица и нејзиниот татко пред очите на момчето со кое таа била во врска. Според информацијата од полиција, Стефановски прво го убил таткото на Росица, а потоа ја избол Росица, па самиот себе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот