Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Нема ниту еден работник што прима минимална плата?!

Од ССМ велат дека има простор за раст на минималната плата, а како потврда за тоа се бројките што покажуваат колку повеќе расте минималната плата, толку повеќе има новоотворени фирми и помалку затворени

Во мај никој не зел минимална плата. Овој податок го открива Сојузот на синдикати, врз основа на последните податоци што ги добиле од Управата за јавни приходи за структурата на нашите примања. Во моментов минималната плата изнесува 24.379 денари. Оваа состојба, велат од ССМ, покажува дека состојбата е зрела за раст на минималната плата.

– Во земја во која во мај 2025 се евидентирани 509.960 работници со пресметана и уплатена нето-плата од кои 374.045 работници или 73,3 отсто од работниците примиле плата под просечната, а 135.915 работници или 26,7 проценти од работниците примиле плата над просечната, фрапантни се податоците според кои во мај (последен податок од УЈП обезбеден од ССМ) има евидентирано нула работници што примиле минимална плата и нула работници што примиле просечна плата што фрла дополнителен сомнеж на состојбите со платите во Македонија! – вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Минималната плата се воведе во 2012 година и првиот „минималец“ изнесуваше 8.050 денари за сите освен за текстилната и за кожарската индустрија, таму беше 6.263 денари! Во категоријата работници со минимална плата тогаш влегоа 65.000 луѓе што пред тоа примаа уште пониски плати. Првата минимална плата беше дочекана од работодавачите со аларми дека ќе мора да затвораат работни места затоа што не може да даваат толкави плати. Оттогаш, велат од ССМ, работодавачите постојано како атрибут против зголемување на минималецот го користат затворањето на работните места.

– Во 2022 година кога ја покачивме минималната плата на 18.000 денари, имаше 7.062 нови фирми, а избришани 5.694. Во 2023 година со минимална плата од 20.175 денари имаше 7.062 новоосновани, а само 3.372 затворени, додека во 2024 година, со покачување на минималната на 22.567 денари, имаше 6.627 нови фирми и само 2.891 затворена. Овие бројки покажуваат дека со секое зголемување на минималната плата, бројот на затворени фирми опаѓа, а бројот на новоосновани фирми раст. Затоа, паѓаат во вода сите изговори дека нема простор за зголемување на минималната плата – изјави Трендафилов.

Од Владата во повеќе наврати повторија дека тие не се мешаат во износот на минималната плата, затоа што со плати околу минималната има малку вработени и евентуалниот раст на минималната плата немало да има сериозни импликации врз буџетот.

– Што ќе се договорат работодавачите и синдикатот, тоа ќе поддржиме – изјави министерската за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Работодавачите, пак, според ССМ, немаат слух за барањата на работниците. На последниот Економско-социјален совет на кој на иста маса беа работодавачите, Владата и Синдикатот во февруари годинава, растот на минимална плата на 500 евра беше само во доменот на дискусија, а од оваа седница произлезе дека треба да се направи поинаква потрошувачка кошница, затоа што и Владата и работодавачите сметаат дека синдикалната потрошувачка кошничка не е релевантна. Минималната синдикална кошничка за септември е утврдена на 65.077 денари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот