Приватен градски автобус 23 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нема ни пари ни автобуси, продолжува скратениот режим на приватните превозници

Приватните превозници велат дека тие го немаат тој „луксуз“ целосно да престанат да превезуваат патници како што направија автобусите на ЈСП кога се создаде кризата за гориво, бидејќи доколку престанат да возат, воопшто нема да можат да ги покријат долговите кон бензинските пумпи што се „таложат“ и за кои веќе им се најавени извршители

Откако возачите на приватните автобуси најавија дека поради неисплатениот долг од ЈСП започнуваат да возат со скратен возен ред од 5 до 10 часот наутро, скопјани треба добро да се подготват дека овој режим ќе продолжи во текот на целата седмица. И покрај одржаната прес-конференција во петокот, по која следуваше жестока расправа помеѓу превозниците и директорот на ЈСП Дејан Кушовски, приватните превозници викендов не добиле ниту денар на своите трансакциски сметки.

Јавниот притисок не вроди плод

На истата прес-конференција приватните превозници „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“ што сообраќаат во Скопје информираа дека ЈСП им должи вкупно 170 милиони денари, од кои во моментот се доспеани 90 милиони. Тие од претпријатието побараа да им биде исплатен вкупниот долг што им се должи за да продолжат со нормален тек на работа.

– Долгот кон нас не е подмирен од април, односно од пред шест месеци. Ако вработените на ЈСП можат да издржат без плата шест месеци, ние не можеме. Денеска имавме план да прекинеме со возење, но сакаме да бидеме коректни кон граѓаните на Скопје и ќе чекаме до понеделник. Доколку ни се уплатат средства, ние сакаме да работиме и ќе продолжиме да возиме. Ни треба уплата веднаш од ЈСП – рече во петокот приватниот превозник Јовица Зафировски.

Поради неисплатени долгови, приватните превозници од понеделник ќе возат само од 5 до 10 часот наутро

Кушовски, кој се придружи на прес-конференцијата на приватните превозници минатиот петок, тогаш рече дека е позната состојбата во која се наоѓа ЈСП и дека тоа не е никакво оправдување, но нагласи дека кон приватните превозници се исплаќаат долговите во согласност со можностите на претпријатието.

– Откако сум јас директор, долгот се намалува и не е тој што беше кажан од приватните превозници. Траба да се престане со манипулација на граѓаните и дека ЈСП располага со возниот парк што располага и ги пушта сите автобуси што ги има. Недостиг на автобуси знаеме дека има, а ние да пуштаме наши автобуси да бидат полни за да се штедат приватните автобуси за да не се амортизираат, тоа не е дозволиво. Треба да бидат коректни кон граѓаните, а не да се влечат зад автобусите на ЈСП. Долгот кон сите тројца приватни превозници е околу 60 милиони денари – рече Кушовски.

По неговата изјава, приватните превозници реагираа и го коригираа Кушовски дека долгот е поголем и наместо 60 милиони денари, изнесува 90 милиони, по што ескалираше расправата.

Долгот остана неисплатен, скратениот режим продолжува

Вчера ситуацијата беше непроменета, односно како што за „Слободен печат“ информираше приватниот превозник Јовица Зафировски – „Јофи турс“, ниту дел од доспеаниот долг од 90 милиони денари не легнал на трансакциските сметки на превозниците, со тоа што тој најави дека сè додека не се исплати долгот, тие ќе продолжат да возат со скратен возен ред од 5 до 10 часот наутро.

– Како што најавивме, бидејќи од Јавното сообраќајно претпријатие не ни исплатија ниту дел од доспеаниот долг што изнесува 90 милиони денари, ние од вчера започнавме за возиме редуцирано, односно со скратен возен ред од 5 до 10 часот наутро и ќе продолжиме со овој возен ред сè додека ЈСП не ни го исплати доспеаниот долг за април – рече Зафировски.

Прашан дали доколку ЈСП во наредните седмици воопшто не уплати дел од средствата што им ги должи, приватните превозници целосно ќе престанат со возење на нивните автобуски линии, Зафировски информираше дека тие нема целосно да ги „гаражираат“ автобусите, туку ќе продолжат да возат по веќе започнатиот скратен режим.

– Не, нема целосно да престанеме со возење на автобусите, сепак мораме да им излеземе и во пресрет на граѓаните што секое утро одат на работа, на училиште или имаат други обврски, но сепак очекуваме дека ќе имаат разбирање од ЈСП и што поскоро ќе го исплатат долгот за да се вратиме да возиме во редовниот возен ред – вели превозникот „Јофи турс“.

Во анкетата на „Слободен печат“ на оваа тема, граѓаните се изјаснија дека се запознаени со новонастанатата ситуација и истакнаа дека автобуси воопшто нема и не се редовни, а скратувањето на возниот режим на приватните превозници дополнително ќе го зголеми метежот по автобуските постојки и во автобусите.

ВИДЕОАНКЕТА : Колку време чекате автобус?

„Две и пол години патувам со два автобуса натаму, два наваму – дали до работа, дали до институција. Ако ЈСП има пари, мораше да го исплати долгот“, одговори анкетираниот господин.

„Многу сум разочарана, да ви кажам искрено. Не очекувам да им биде исплатен долгот и песимист сум во тој поглед“, одговори една жена.

Директорот на ЈСП, Кушовски, пак, не крена слушалка и не одговори на прашањата на „Слободен печат“ дали планираат оваа недела да го исплатат доспеаниот долг кон приватните превозници или, пак, ќе продолжат само „да ја разбираат нивната ситуација“.

Превозникот Зафировски исто така додаде дека од петокот немало никаков контакт со Кушовски или со кого било друг од Градот Скопје или ЈСП во однос на овој проблем.

Како што појаснија превозниците, тие го немаат тој „луксуз“ целосно да престанат да превезуваат патници како што направија автобусите на ЈСП кога се создаде кризата за гориво, бидејќи доколку престанат да возат, како што велат, воопшто нема да можат да ги покријат долговите кон бензинските пумпи што се „таложат“ и за кои веќе им се најавени извршители.

Со оглед на тоа што ЈСП не одговара на барањата на превозниците, а тие се одлучни и не се откажуваат од редуцираното возење, граѓаните што ги користат линиите на приватните автобуси, неделава сигурно ќе имаат тешкотии и ќе мораат да бараат алтернативи за да стигнат до својата дестинација по 10 часот наутро, кога приватниците запираат со возење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот