Фото: Принтскрин

Нема бравари, месари, готвачи, монтери…

Вкупно 62 отсто од компаниите во земјава се соочуваат со недостиг на стручен кадар. Според последните анализи на Стопанската комора, нема доволно бравари, монтери, месари, келнери, готвачи.  Стручниот кадар е потребен во сите сектори, но засега најмногу кубурат машинската индустрија, електротехничката струка, прехранбената и хемиската индустрија, туризмот и угостителството.

Комората апелира бизнис-заедницата активно да се вклучи во креирањето кадар со соодветни вештини и компетенции, според потребите на пазарот на трудот, преку процесот на дуално образование. Вакви позитивни примери има неколку, но не доволно.

– Потребен е максимален ангажман за дизајнирање пазарно-оперативни програми според потребите на компаниите, да постои комбинација на теоретска настава во училиштата и практична во компаниите. Стручен кадар е потребен во сите сектори на квалификации, но најмногу во секторот машинство – истакна в.д. директорката Билјана Пеева-Ѓуриќ. Според неа, досега преку Комората се обучени и сертифицирани околу 300 ментори од 245 компании.

– Додадената вредност е видлива и во грижата дали компанијата ги исполнила условите за реализација на практичната обука преку верификација што ја спроведува Комората. Процесот на верификација го поминале 25 компании, со тенденција бројот да расте, поради тоа што свеста кај компаниите за вклучување на учениците за реализација на практичната обука се зголемува, а тоа се гледа и од бројот на обучени ментори што ќе работат со учениците – дополни Пеева-Ѓуриќ.

Анета Петровска-Русомароски од ЕВН Македонија, лидер на проектот „20-20-20“, информира дека од септември годинава првата генерација ученици веќе им се колеги, а тоа е потврда дека дуалното образование станува ефикасно. Лирим Сулејмани, раководител на КЕЦ „Васил Главинов“, пак, додаде дека преку симбиоза на теоријата и праксата, се добива стручен и компетентен кадар со вештини потребни на пазарот на трудот и специфичните потреби на нивната компанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот