
Црногорскиот претседател Милатовиќ по информациите за можен атентат: Продолжувам да си ја работам работата
Откако Агенцијата за национална безбедност на Црна Гора потврди дека ја проверува точноста на информациите за можен атентат на претседателот, Јаков Милатовиќ вели дека ќе продолжи да си ја врши работата и дека очекува надлежните органи да си ја завршат својата работа.
Препорачано
Милатовиќ рече дека не е пријатно да се добијат такви информации.
„Ќе продолжам да ја работам својата работа. Целосно сум непоколеблив кога станува збор за мојот дел од работата, кој се однесува на граѓаните на Црна Гора, земја без корупција, без криминал, земја членка на Европската унија. Мојата политика во оваа смисла многу е јасна“, изјави Милатовиќ за јавниот радиодифузен сервис.
Црногорската Агенција за национална безбедност (АНБ) соопшти дека проверува дали се точни информациите дека се планира атентат врз претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кои неодамна ги добила преку извор од странство, а за тоа ги известила и неговата канцеларија и Управата за полиција, јавува „Вијести“.
АНБ добила информации од поврзани извори дека наводниот главен организатор е пензиониран висок разузнавач на поранешна армија во регионот, а дека непосреден сторител ќе биде некој од Црна Гора.
Во одговорите на прашањата на „Вијести“ за можните сериозни закани кон шефот на државата, Управата на полицијата и кабинетот на Милатовиќ го потврдиле постоењето на таква информација, а АНБ не реагирала.
„Канцеларијата на претседателот на Црна Гора е известена дека се истражува веродостојноста на информациите за можна закана по безбедноста на претседателот на државата Јаков Милатовиќ. Не добивме дополнителни детали. Информирани сме дека надлежните органи го имаат земено предвид горенаведеното и го обработуваат и очекуваме дополнителни информации“, одговорија од кабинетот за односи со јавноста на Милатовиќ.
Организаторот наводно е „висок разузнавач на поранешната армија во регионот“. Од полициската управа за „Вијести“ изјавија дека „безбедноста на претседателот Милатовиќ не е загрозена“, но дека се проверува информацијата за оваа можност, не сакајќи да откријат за што конкретно се работи, „земајќи ја предвид природата на информациите и потреба од тајност на податоците“.
Еден од соговорниците на „Вијести“, запознаен со информациите на црногорската тајна служба, рече дека информациите за наводното планирање на убиството на Милатовиќ до АНБ стигнале индиректно од два поврзани извори од две земји од Западен Балкан. Тие извори наводно објавиле дека наводниот главен организатор е пензиониран висок разузнавач на поранешна армија во регионот, а непосреден извршител ќе биде лице од Црна Гора.
„Лицата што ја дадоа информацијата се поврзани со служби на земја од регионот. Со оглед на начинот на кој беше кажано дека тоа наводно било планирано, не сум сигурен во веродостојноста на податоците, но се треба да се провери“, вели соговорникот запознаен со информациите.
На прашањето кој и кој мотив може да стои зад атентатот на Милатовиќ, тој извор вели дека не знае, освен дека една од целите е „дестабилизација на државата“.