
„Неелегантната“ сандала „биркенсток“, постои веќе 128 години и ги освојува потрошувачите со антимода
Кога некој ќе го чуе зборот „мода“, тешко е да замисли пар дебели сандали од плута. И сепак, „биркенсток“, брендот роден во 18 век во мало германско село, прерасна во една од најмоќните сили во глобалната индустрија за обувки. Од хипиците од 70-тите, до Стив Џобс, Кејт Мос и Барби, сандалите „биркенсток“ испишаа неверојатна историја на отпор кон диктатите на модата. А денес, со проценка од милијарди и континуиран раст, тие докажуваат дека стилот не мора нужно да биде… секси, потсетува То Вима.
Препорачано
Приказната започнува во 1774 година, кога браќата Јоханес и Јохан Адам Биркенсток почнале да произведуваат чевли во близина на Франкфурт. Никој во тоа време не можел да замисли дека осум генерации подоцна, брендот ќе заврши продавајќи десетици милиони пара годишно и ќе добие проценка од 7,5 милијарди долари на њујоршката берза во 2023 година. Иновацијата дојде во 1897 година, кога Конрад Биркенсток, за прв пат претстави ортопедски калап кој се прилагодуваше на обликот на стапалото. Во 1963 година, Карл, потомок на династијата, ја претстави првата сандала со анатомски ѓон на Саемот за обувки во Диселдорф. И покрај потсмешливите коментари, моделот – денес познат како „Мадрид“ – продолжува да биде главен елемент на компанијата.
Извршниот директор Оливер Рајхерт го сумира идентитетот на компанијата во една фраза: „Модата никогаш не била наша работа – ниту тогаш ниту сега“. Наместо да ги следи трендовите, Биркенсток се фокусираше на здравјето и удобноста на стапалата. Манифестот „антимода“, сепак, на крајот се претвори во моќен тренд. Како што објаснува аналитичарот Џ’Не Филипс, „биркенсток“ стана „моден парадокс“: чевли кои не се стилски, но на крајот се стилска изјава. И ако нејзината приказна докажува нешто, тоа е дека „грдото“ може да стане неодоливо кога се базира на удобност и автентичност.