Проф. д-р Јове Кекеновски /Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Недопирливите мора да одговараат

Јавен обвинител и судии што ја изгубиле довербата не можат да бидат гаранти на правдата. Напротив, тие стануваат нејзини непријатели. Време е за јасен пресек: или ќе се вратат довербата и правдата со решителни постапки или граѓаните засекогаш ќе ја изгубат вербата во системот.

Долго време во оваа држава живееме со чувство дека дел од судиите и обвинителите се недопирливи. Наместо да ја штитат правдата, тие ја претворија својата функција во личен штит за себе, за криминалот и за корупцијата. Таквите луѓе не се бранители на законот, тие се неговите најголеми предавници. Oва не е политика. Ова е борба за преживување на обидите да станеме правна држава.

Кога во парламентот, како највисок дом на народната волја, со гласање на интерпелација се констатира дека јавниот обвинител ја изгубил довербата, тоа е повеќе од јасен сигнал: оној што бил избран од Собранието, а ја изгубил неговата поддршка, ја изгубил и довербата на граѓаните. Исто важи и за членовите на Судскиот совет. Затоа секое упорно останување на функција, користејќи ги правните празнини или намерно оставените пропусти во законите, претставува директен пркос на јавноста и морална деградација на самата функција.

Но, проблемот не е само личен. Тој е и институционален. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители одамна не се доживуваат како чувари на интегритетот, туку како тела кои штитат, одолговлекуваат или премолчуваат очигледни злоупотреби. Јавноста добро се сеќава на случајот со судијата кој намерно го чуваше предметот на еден поранешен висок функционер во фиока, дозволувајќи да застари. Тој судија наместо веднаш да биде разрешен и кривично да одговара, повеќе од една година остана на функција, благодарение на тоа што поединци од Судскиот совет отворено го бранеа и го штитеа. Тоа не е само индивидуален скандал – тоа е срам за институцијата која требаше да го санкционира.

Или уште е пострашно и посрамно кога критиките и сомнежите за однесувањето на дел од обвинителите не доаѓаат само од јавноста, туку и од луѓе од системот. Во јавни настапи, обвинители како Мустафа Хајрулахи предупредуваа дека постојат случаи во кои нивни колеги воделе постапки по нарачка и вршеле притисоци врз бизнисмени, тврдења кои, ако се игнорираат, претвораат сомнежот во институционален гангрена.

Кога институциите што треба да носат одговорност ја губат довербата, тогаш и најмалата неправда изгледа како огромна неправда. Нашиот систем веќе има јасни алатки: дисциплински постапки, кривични постапки за корупција и злоупотреба, привремено суспендирање додека траат процесите и отказ. Сè друго е алиби за недејствување.
Регионалните и европски примери покажуваат дека прочистувањето е можно. Хрватска разрешуваше судии поради корупција, Бугарија активираше дисциплински механизми и против членови на Високиот судски совет, а Полска покажа што значи ризикот од санкции и губење доверба ако се дозволи политичка и корупциска контрола врз правдата.

Недостојните судии и обвинители мора да се соочат со последици: правни – разрешување и кривична постапка; професионални – трајно исклучување од јавни функции и губење доверба кај колегите и морални – јавна осуда и пад на угледот. Да се отстрани судија или обвинител без докази е исто толку опасно колку и да се остави корумпиран судија и обвинител на функција. Но користењето на постојните законски механизми значи јасна порака: независноста не е алиби за криминал.

Резимативно: Јавниот обвинител и судиите што ја изгубиле довербата не можат да бидат гаранти на правдата. Напротив, тие стануваат нејзини непријатели. Време е за јасен пресек: или ќе се вратат довербата и правдата со решителни постапки или граѓаните засекогаш ќе ја изгубат вербата во системот. Време е да се разбере една проста вистина: судија или обвинител кој е до гуша во криминал и корупција не е чувар на правдата, туку нејзин убиец. А за убиецот на правдата нема имунитет. Постои само еден пат, казна по закон и трајно отстранување. Тоа не е политика. Тоа е правдата што граѓаните ја чекаат предолго.

Затоа прочистувањето на правосудството не смее да биде сфатено како политичка акција, туку како конечно воспоставување ред и санкција за оние што ја изневериле својата света должност. Никој не бара лов на вештерки. Но, секој бара јасна порака: Судија што примил мито мора да биде кривично гонет. Обвинител што затвора предмети за да заштити нечии интереси мора да биде разрешен. Секој што ја користи функцијата за лична корист мора да одговара, без изговор и без обиди за дополнително оправдување.

Недопирливоста завршува таму каде што почнува законот.

(Авторот е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот