
Небото над Скопје (повторно ќе биде сино)
Мора да научиме дека чистиот воздух не е прашање на приватен комфор, туку заедничко право. И да се согласиме сите заедно дека воздухот е нашата најголема јавна инфраструктура и дека не е само прашање на екологија – туку тоа е демократска навика.
Во Лондон во декември 1952 година смогот, кој е комбинација на магла и чад, се спуштил како тешка завеса над градот. Превезот од загаден воздух бил толку густ што светлата од автобусите биле невидливи на оддалеченост од неколку чекори, а театрите ги откажувале претставите бидејќи маглата им влегувала во салите. Тоа е „Големата магла“ која за Лондон и лондончани не беше само временска непогода, туку беше доживеана како судбина. Сепак, четири години подоцна, во 1956 година во Британскиот парламент ќе биде донесен Законот за чист воздух, кој ќе прогласи зони без чад, ќе ги угаси домашните огништа на јаглен и ќе го отвори патот за почист воздух. Така Лондон повторно почна да го препознава сопственото небо.
Препорачано
Истовремено, познатата германска индустриска област Рур веќе со децении живееше во својата долга, црна, индустриска зима. Фабричките оџаци ден и ноќ ја боеја атмосферата во безнадежна сива боја. Како резултат на оваа состојба, во 1961 година градоначалникот на Берлин и идниот канцелар на државата Вили Брант ќе ја изговори реченицата што ќе стане еден вид на програма за трансформација на градовите: „Небото над Рур мора повторно да биде сино“. Следејќи ја визијата и решителноста содржана во оваа реченица во 1974 година, во Германија ќе стапи на сила новиот федерален закон за заштита од загадување на воздухот кој ќе донесе нови и јасни стандарди, мерливи обврски, но и нова култура на одговорност. Најинтересен во оваа трансформација беше фактот дека индустриското производството продолжи да се развива, но не и загадувањето. Со тоа „синото небо“ од политичка метафора стана мерлива реалност. Лондон научи дека согорувањето на јаглен не е комфор, туку ризик, а Рур – дека економијата може да биде иновативна и кога не загадува.
Загадувањето на воздухот во Скопје е најгорливото прашање кое ги загрижува граѓаните на главниот град. Оттука, второто прашање на кое ќе треба да одговори идниот градоначалник на Скопје е: „Како ќе ја намалите годишната концентрација на загадувањето на воздухот со микрочестички и други загадувачи во Скопје под прагот на СЗО (15 µg/m³) во рамките на еден градоначалнички мандат?“.
За жал, Скопје сѐ уште живее со хронично загадување, особено во зима кога студениот воздух ќе натежне над котлината и го задржува загадувањето на воздухот во градот. Просечната вредност на микрочестичките PM2,5 на годишно ниво во Скопје изнесува околу 28 µg/m³, а концентрациите во зимскиот период се далеку повисоки, придонесувајќи за околу 1.300 предвремени смртни случаи годишно. Домашните печки на дрва, сообраќајот во кој доминираат застарени дизел-возила и прашината од интензивната изградба создаваат смртоносна комбинација којашто истовремено ја загрозува здравствената состојба на граѓаните и ја обесхрабрува секоја желба за живот во градот. Борбата за почист воздух е, следствено, и здравствен, социјален и економски предизвик.
Главните извори на загадувањето се добро познати. Според истражувањата, домашното греење со дрва доминира со близу 80% од примарната емисија на микрочестичките, потоа главен виновник е сообраќајот со издувните гасови од застарените возила и конечно ресуспендираната улична прашина, пред сѐ од бројните градилишта и површини кои не се уредени со зеленило. Анкетата на УНДП за домаќинствата во скопската котлина покажува дека во урбаното подрачја на градот приближно 28,2% од домаќинствата користат огревно дрво, 29,8% се на парно, а 38,7% користат електрично греење. Притоа, огромни 51% од домаќинствата во Скопје пријавиле дека немаат соодветна термоизолација на објектите, а загрижувачки 40% признале дека повремено палат пластика или отпад. Ова е јасен показател на енергетската сиромаштија кој ги обликува процесите кои го загадуваат воздухот во Скопје. Сепак, во истата анкета се констатира дека ако цените на помалку загадувачките извори на енергија се изедначат со цената на греење на дрва, мнозинството би ја избрало најмалку штетната опција. Тоа укажува на подготвеноста на граѓаните за промени. Во суштина можеме да кажеме дека скопјани ја препознаваат сериозноста на загадувањето и се подготвени за промени кога постојат пристапни, доверливи и транспарентно поддржани опции.
Сепак, одговорот на овој исклучително комплексен проблем како што е загадувањето на воздухот, не може да биде едноставен. Напротив, тоа мора да биде комплекс на повеќе политики кои ќе дефинираат мерки, кои пак ќе се спроведат низ проекти. Но, да погледнеме како со слични проблеми се соочиле и ги решиле дел од европските градови. Градот Краков успеал за шест години да отстрани над 45.000 печки на јаглен и дрва, откако во 2019 година вовеле законска забрана за истите, проследена со 100% субвенции за топлотни пумпи, и агресивни инспекции. До 2023 година загадувањето во градот се намалило за цели 45%. Градот Осло за рекордни шест години електрифицирал 85% од трасите на градските автобуси и успеал за неверојатни 95% да ги намали емисиите на јаглерод диоксид од јавниот транспорт во центарот на градот. Овие примери имаат заеднички именител: воведување на храбра и бескомпромисна нова регулатива, силни финансиски стимулации и постојана комуникација со јавноста, поддржана со мерливи податоци.
Во Скопје, како и секаде, неопходни се комплексни мерки кои ќе придонесат за интегрално и системско решавање најпрвин на причините, а потоа и последиците од загадувањето. Покрај долгорочните мерки и проекти кои мора да бидат поддржани од владата, градот може да усвои различни политики за воведување на „чиста енергија“ во делови од градот. Тоа би бил проект за напуштање на цврстото гориво до 2030 година, поддржан со прогресивен „топлински ваучер“ кој би обезбедил 100% субвенција за најсиромашниот дел од населението, потоа проширување на мрежата за централно греење, поставување на сончеви панели и други извори на обновлива енергија на јавните институции и дел од домовите, воведување на строги стандарди за емисии на уреди од 2028 година и енергетски дисплеи во реално време со паметни броила и AI-совети. Овие мерки можат да се имплементираат низ пилот проект наречен Зони со ниска емисија (Low Emision Zones). Тоа се урбани подрачја со забрана за користење на огрев на дрва или други биомаси, ограничен пристап на возила со високи емисии, а со цел да се намали загадувањето на воздухот и бучавата. Се имплементираат преку регулативи, контрола и стимулации за чисто греење и транспорт. Финансирањето на ваков вид на проекти и мерки би можело да се реализира со основање на „Фонд за чист воздух“, финансиран од приходи од LEZ и комбинирано финансирање на капитални субвенции од програмите на ЕУ, ЕБРД и слично кои ја поддржуваат зелената транзиција.
Понатаму, а со цел намалување на загадувачкиот сообраќај во центарот на градот може да се воведе систем за автоматска наплата за користење на возила поврзан со проектот за нов јавен транспортен и мултимодален систем, со автоматско препознавање на регистарски таблички и давачки за мотори постари од Еуро 4 стандардот. Само низ комплексен план за намалување на изворите на штетни емисии кои го загадуваат воздухот, со истовремено силно лобирање и стимулирање на граѓаните за премин на одржливи и обновливи извори на енергија, развивање на јавниот и незагадувачки транспорт, во комбинација со зелени коридори и нови зелени површини можеме да започнеме со справување со овој горлив проблем на скопјани. Но, само со суштинска промена на културата на однесување, намалувањето на енергетската сиромаштија, промената на навиките за користење на јавен наместо сопствен транспорт, фаворизирање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, важноста на зелените површини и свесноста за јавното добро, можеме да направиме вистинска промена.
Мора да научиме дека чистиот воздух не е прашање на приватен комфор, туку заедничко право. Затоа, граѓаните мораат гласно да ги кажат своите проблеми, науката да ги поддржи, а политиката мора да одговара брзо и одговорно на сите овие предизвици. Потоа, секој од нас мора да одлучи: да не го користи сопственото возило за превоз, да користи јавен превоз или велосипед, да не пали отпад, да не ја прифати енергетската сиромаштија како судбина и да не ја меша навиката да загадуваме со личната слобода. И да се согласиме сите заедно дека воздухот е нашата најголема јавна инфраструктура. Културата на одговорност на секој член на заедницата го отвора патот кон нова култура на стандарди, континуирана контрола, јавни инвестиции и конечно поздрава средина за живеење. Оттаму, чистиот воздух не е само прашање на екологија – туку тоа е демократска навика – да се делува заеднички, сè додека заедничката и поубава иднина повторно не стане видлива како чисто, сино небо. Бидејќи скопјани заслужуваат небото над Скопје да биде сино, секој ден во годината.
(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“