
Не смееме да дозволиме уназадување во родовата еднаквост, вели Санела Шкријељ
Поранешната пратеничка од СДСМ, Санела Шкријељ, вели дека родовата еднаквост не е само домашен проблем, туку и глобален и дека не смее да се потценува тоа што е постигнато за родовата еднаквост и правата на жените.
Препорачано
„Иако понекогаш сме имале стагнација, не смееме да дозволиме да ни се случува уназадување на законската рамка, како во случајот со предлог измените во образованието за бришење на терминот ‘,родова еднаквост’”, рече Шкријељ.
Според неа, би била опасна политичка порака доколку се направи уназадување на законската рамка.
„Тоа е една многу опасна политичка порака дека едноставно државата вели дека има одредени групи на деца, на млади лица кои што и да бидат дискриминирани, и да бидат изложени на булинг и на насилство, а многу често се, дека тоа е во ред. Дека државата нема да ги заштити“, вели Шкријељ.
Таа исто така зборуваше и за поместување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за жените и рече дека пред да се размислува за тоа, треба државата да обезбеди достоинствени и добро платени места, пораст на минималната плата, еднакви можности за жените на пазарот на труд, како и повторен обид да се продолжи процесот на стабилизација на ПИОМ од 2017 година, кој застана кога почнаа да се воведуваат неодговорни политики како линеарното зголемување на пензиите.
,,Не можеме ние лошите политики на неодговорни политичари кои што ПИОМ го довеле во таква состојба, да ги решаваме со тоа што повторно ќе удриме по грбот на работниците. Не можеме да имаме најниски плати во регионот, а да имаме највисока старосна граница за пензионирање” истакна Шкријељ.