
НАТО го зголемува присуството на Балтикот
НАТО денеска соопшти дека ќе ја зајакне својата мисија во Балтичкото Море со распоредување фрегата за воздушна одбрана и дополнителни системи, како одговор на упадите со беспилотни летала во Данска.
Препорачано
Како што е наведено во соопштението, НАТО, како одговор на овие инциденти, ќе спроведе зголемен надзор користејќи нови системи во областа на Балтичкото Море, пренесува Ројтерс.
Новите воени ресурси вклучуваат „разузнавачки, извидувачки и набљудувачки платформи, како и најмалку една фрегата за воздушна одбрана“.
Портпаролот на НАТО изјави дека деталите за тоа кои земји ќе испорачаат дополнителни системи нема да бидат објавени.
Овие воени засилувања ќе ја зајакнат мисијата „Балтичко набљудување“, започната во јануари оваа година како одговор на низа инциденти поврзани со телекомуникациите, гасоводите и подводните кабли што беа оштетени на дното на Балтичкото Море.
Земјите-членки на НАТО веќе распоредија фрегати, патролни авиони и поморски беспилотни летала за заштита на критичната инфраструктура како дел од мисијата.
Алијансата, исто така, овој месец започна нова мисија наречена „Источна гарда“, насочена кон зајакнување на одбраната на источниот крило на Европа, како одговор на честите упади на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор.
Данското министерство за одбрана претходно денеска објави нови случаи на неидентификувани дронови во близина на воени објекти низ целата земја, додека норвешката полиција соопшти дека истражува можни видувања на дронови во близина на главната база на борбени авиони Ф-35 во Ерлан, централна Норвешка.
Данска изминатата недела пријави неколку упади со дронови во близина на аеродромот и важната инфраструктура во Копенхаген, поради што најпрометниот аеродром во нордискиот регион беше затворен неколку часа во понеделник навечер.
НАТО во вторникот ја предупреди Русија дека ќе ги употреби сите потребни воени и цивилни средства за да се одбрани, откако Естонија објави дека три руски борбени авиони МиГ-31 го нарушиле нејзиниот воздушен простор и останале во него 12 минути, пред да бидат испратени надвор од италијански авиони.
Русија негираше дека го нарушила естонскиот воздушен простор, наведувајќи дека не било планирано руските беспилотни летала да напаѓаат цели во Полска.