
Насилството како политика во Трамповата Америка
И републиканците и демократите беа годинава жртви на насилни напади, но убиството на десничарскиот активист Кирк уште еднаш ја истакна асиметријата на современата американска политика. За разлика од демократите и повеќето Американци, многу лидери на десницата насилството на своите приврзаници го сметаат за легитимно.
Страшното убиство на екстремно десничарскиот активист Чарли Кирк беше пречекано со смирувачки, државнички реакции од двете страни на политичкиот спектар. Но, тоа исто така уште еднаш ја покажа фундаменталната асиметрија на современата американска политика. Многу истакнати личности на десницата, сè до претседателот Доналд Трамп, повикаа на ништо помалку од одмазда против „радикалната левица“ – и тоа во момент кога информациите за убиецот и за неговите мотиви и натаму се недостапни.
Препорачано
Трамп веќе околу една деценија дава до знаење дека политичкото насилство што го прават неговите приврзаници е прифатливо, па дури може да биде и наградено. Меѓу учесниците во бунтот во Конгресот на САД на 6 јануари 2021 година, кои ги помилува, имаше и многумина осудени за насилни злосторства. Трамп и многу негови следбеници таквото однесување не го прикажуваат како насилство, туку како легитимна, дури и патриотска самоодбрана; како и другите десничарски популисти, тие се претставуваат себеси како вечни жртви.
На социјалните мрежи се појавија крајно дегутантни објави на наводни левичари за убиството на Кирк, кои со доза на злоба потсетуваат дека Кирк тврдел дека смртните случаи предизвикани од огнено оружје се прифатлива цена за правото на носење оружје. Но, во целина гледано, либералните коментатори особено се потрудија не само да го осудат насилството, туку и да го признаат Кирк како добронамерен полемичар со „смисла за несогласување“. Кај десницата, напротив, истакнати гласови повикуваат на репресија – повикувајќи се на незаконските методи на основачот на ФБИ, Џ. Едгар Хувер, како пример – ако веќе не и на отворена „војна“.
Загрижува и тоа што самиот Трамп, изгледа, ужива во можноста што може да ја искористи како изговор за напади на организациите на граѓанското општество што не му се допаѓаат. Членовите на неговата администрација веќе ја прогласија Демократската партија за „домашна терористичка организација“. Имајќи предвид дека Трамп не покажа баш никаква воздржаност кога станува збор за користење на моќта на сојузната влада против кој било поединец или организација, имплицираната закана дека ќе ја прогонува опозицијата треба да ги вклучи алармите кај секој демократ – не само кај демократите.
Покрај злоупотребата на законот, Трамп доследно поттикнуваше – или барем јасно толерираше – политичко насилство: од замислување дека пука во некого на Петтата авенија, преку охрабрување на своите приврзаници физички да напаѓаат луѓе, опишување на насилните расисти од маршот во Шарлотсвил во Вирџинија како „добри луѓе“, па сè до неговата очигледна подготвеност да гледа како неговиот прв потпретседател Мајк Пенс e линчуван на 6 јануари 2021 година – и сето тоа само за да остане на власт.
Демократиите како бразилската успеаја да санкционираат претседател подготвен да изведе државен удар, што го покажува судењето и осудата на поранешниот претседател Болсонаро. Наспроти тоа, Соединетите Држави не само што по 6 јануари 2021 година не покажаа дека делата имаат последици, тие му овозможија на Трамп да се врати на власт, а тој таа позиција ја искористи да прати што е можно појасна порака дека оние што ќе се впуштат во протрамповско насилство, можат да сметаат на неказнивост. Уште повеќе, би можеле да бидат и славени, па дури и почестени со воени погреби. Мајк Џонсон, републикански претседател на Претставничкиот дом, фактички одби да постави спомен-плоча на полицајците што го бранеа Конгресот, иако тоа законот го предвидува.
Додека првиот мандат на Трамп беше обележан со демонстрација на суровост, неговата администрација сега посветува значајни ресурси на создавање култ на насилство. Убиството на единаесет луѓе на море, покрај брегот на Венецуела – без никакво видливо правно оправдување – се споделува на социјалните мрежи со злобна сатисфакција. Министерството за внатрешна безбедност рутински користи социјални мрежи за да го обележи страдањето на семејствата чии блиски биле брутално одведени. Една објава оди дотаму што прикажува службеници на ИЦЕ кои носат нацистички маски и шлемови.
Се разбира, Трамп отсекогаш уживал во спектаклот и се потпирал на реквизити за да ги убеди луѓето дека прави нешто важно (да се потсетиме на големите папки прикажани на телевизија како „доказ“ за неговиот непостоечки план за здравството). Само што сега се користат слики од вистинско страдање за да се забавуваат неговите приврзаници и да се поткрепи неговата сè понепопуларна претседателска позиција.
Некои ќе речат дека таквите сцени на страдање се нужни средства за одвраќање. Но, ние не го прикажуваме мачењето на затворениците верувајќи дека тоа ќе го намали криминалот – иако, кога подобро ќе се размисли, Кирк еднаш побара јавни погубувања, пренесувани во живо на телевизија и, идеално, „спонзорирани од Кока-кола.“
Многу е можно Трамп да ги отстрани сите ограничувачки мерки кога се во прашање неговите приврзаници – секако и самиот во својот втор мандат се чувствува потполно необврзан, без никаква претпоставка за придржување до законот, а камоли норми за начинот на третирање на политичките противници во демократија. Тој веројатно смета дека неговото недемократско однесување е оправдано затоа што, наводно, другата страна го искористила Министерството за правда за да го притвори; затоа е, според неговото мислење, сосема чесно тоа што сега сака да ги казни со обвиненија како „измами со хипотеки“.
И тогаш Трамп не е сторител, туку жртва. И со себе има цел индустриски комплекс на жалби. Од „Фокс њуз“ до радиоемисии, неговите пропагандисти ѝ зборуваат на публиката дека е оправдано да се чувствува огорченост. Статусот на жртва може да се претвори во оправдување за насилство.
Тоа не значи дека САД нужно се движат кон граѓанска војна. Некои дејствуваат како да ја очекуваат желно и можеби се чини дека се добро подготвени. Но, истражувањата покажуваат дека големото мнозинство граѓани го отфрла политичкото насилство; и, како што нè потсетува политичкиот научник Брендон Најхан, поддршката за такво насилство опадна по обидот за атентат на Трамп во јули 2024 година.
И додека вечно постои надеж дека Трамп ќе стане претседател, државник, и ќе се стреми кон единство, постојат доволно причини за верување дека неговото однесување од ноќта кога беше убиен Кирк ќе има продолжение: поларизацијата отсекогаш била негов политички бизнис-модел. За жал, во време кога неговата администрација негува не толку „смисла за несогласување“ колку смисла за суровост, некои Американци би можеле да земат пример токму од него.
Вијести
(Авторот е професор на Универзитетот Принстон)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“