
Нашиот Марин во нивниот Ред
Во Виена, на годишното собрание на Редот на „Свети Ѓорѓи“ на семејството Хабсбург-Лорен, беше избрано ново раководство на српската комптура, на чие чело со декрет на надвојводата Карл фон Хабсбург беше назначен д-р Горан Петрушиќ, а за негов заменик, односно вицекомптур, м-р Марин Гавриловски, адвокат од Скопје и колумнист на „Слободен печат“.
Минатава недела – на 21 и 22 април – во Виена беше одржана свеченост по повод одбележувањето на петнаесетгодишнината од возобновувањето на орденот, Редот на „Свети Ѓорѓи“ на семејството Хабсбург-Лорен. На свеченоста што опфаќаше повеќе манифестации – свечена миса, избор на нови витези и дами, состанок на собранието на Редот и свечена вечера – присуствуваа повеќе од 300 витези и дами од повеќе европски земји. На редовното годишно собрание беа избрани нови раководители на делови од Редот кои се територијално распоредени и се нарекуваат комптури. Беше избрано и ново раководство на српската комптура, на чие чело со декрет на старешината на орденот, надвојводата Карл фон Хабсбург, беше назначен проф. д-р Горан Петрушиќ од Белград, а за негов заменик, односно вицекомптур беше назначен м-р Марин Гавриловски, адвокат од Скопје и колумнист на „Слободен печат“. Познато е дека Редот е елитистички: таму нема заталкани. Приемот на нови членови или доделување функции се одвива само по предлог на проверен член на Редот. Уште еднаш се докажа дека Македонија, преку своите исклучителни граѓани и нивните индивидуални напори, одамна има место на некои од главните маси во ЕУ, но тоа некако се премолчува од јавноста.
Препорачано

Имено, европскиот витешки ред на „Свети Ѓорѓи“ на семејството Хабсбург-Лорен е европски династички Куќен ред и ја комбинира витешката традиција со идејата за обединета Европа во смисла на политичките идеи на Ото фон Хабсбург. Корените на Редот се дамнешни и тој означува продолжување на идеалот на христијанското витештво. Историјата на Редот на „Свети Ѓорѓи“ во Централна Европа почнува во кралството Унгарија во 14 век, го доживеа својот врв под покровителство на семејството Хабсбург во почетокот на модерната ера, беше реобновен по крајот на Првата светска војна и продолжи како династички Куќен ред од 21 век во име на надвојводата Ото и неговиот син Карл фон Хабсбург, кој сега ја носи титулата покровител и старешина на Редот. Во 2008 година во Минхен беше избрано првото собрание на модерниот ред. Орденот има за цел да го почитува Свети Ѓорѓи како заштитник на витештвото, да негува витештво и витешки поглед на животот и на стварноста. Редот е христијански и европски. Ја поддржува мултинационалната стара австриска идеја за државата, зголемената потреба за соработка помеѓу државите од Централна и Југоисточна Европа и е посветен на обединета, самоуверена и самодоволна Европа.

Редот е конзервативен според вредностите, економски е либерален и е посветен на сеопфатна национална одбрана; тој се гледа себеси како дел од конзервативната мрежа ориентирана кон Европа и зазема став за политичките прашања. Во центарот на своето политичко делување, Редот се залага за целосно и неодложно обединување на Европа, особено со земјите од Западен Балкан во кои спаѓа и Македонија и потоа за забрзано градење заеднички институции, особено во сферата на одбраната, и централизирање на носењето одлуки на ниво на Европската Унија. Редот е добротворен и се стреми да ја ублажи или да се бори против осумкратната беда: болест и напуштање, бездомништво и глад, нељубезност и вина, рамнодушност и неверување. Тоа е нивното „вјерују“…Каде сме и каков е нашиот однос како општество, дипломатија, како држава во овие организации и редови и како ги перципираме поединците од нашиот сокак кои достојно, на иста маса со европскиот „крем де ла крем“, претставувајќи се себе неизоставно ја преставуваат и нашата земја со најдоброто од себе? Никаков. Сигурно оваа вест ја доживуваме како нешто далеку од нас, а штом е далеку, се смета за неважно, но дали? Нашата вкоренета визура е дека не нè интересира ништо надвор од нашиот двор и маало; ксенофобичноста во нашиот светоглед по правило нè води кон непрепознавање на индивидуалните или на општествените шанси и можности за исчекор кон подобро. Има ли поважно нешто од тоа да седите рамноправно на маса со некој чие документирано постоење трае подолго од седум века и дека истите тие секогаш биле оние што се прашувале и се прашуваат за иднината на Европа и за нејзиниот правец? Ако се додаде и апсолутната добронамерност на Редот кон нашата земја и неговата недвојбена поддршка кон нашиот европски пат, што е реткост во општиот галиматијас на светската сцена, овие појави и личности не треба да завршуваат на маргините на дневните вести и настани. Од дневнополитичката кал во која сето општество е вовлечено, не успеваме да ја препознаеме исклучителната способност на поединци од нашиот сокак со меѓународни врски, кои можат со својот капацитет да направат значителен исчекор на нашите веќе дефинирани општествени правци. На фонот на општото плукање по државата за сè и сешто, би контрирал со аргументот дека и личностите од нашето маало се дел од државата и нејзини вредни, корисни мравки. Потребно е само нивно канализирање за унапредување на општото добро, се разбира – про боно.Секогаш ни пречеле, по вокација, оние што се попаметни, поуспешни од нас во секој поглед. И сè додека е така, ќе се валкаме во нашата удобна балканска кал, гледајќи со неверица кон белата и чиста рака која сака да нè извлече од свињарникот на нашите интриги, неспособност, завист и сè друго што ова време го носи, а нам ни прави да се чувствуваме самодоволни и горди бидејќи сме во „својот свињарник“. За препознавање на овие исклучителни, талентирани, успешни личности е потребен некој кој е приближно како нив. Некој што според квалитет е сличен на спомнатиот наш претставник таму, а колумнист во слободно време. Верувам дека има такви.