Фото: Принтскрин/najdime.org

„Најди ме“, страницата за исчезнати деца во Македонија – засега без активни потраги

На страницата „Најди ме“ веќе е активна можноста да се креира профил на дете или на возрасен кој исчезнал, под услов исчезнувањето да е веќе пријавено во полиција. Ова е дел од системот за рано предупредување за исчезнати деца во земјава кој е во зачеток. Откако пријавителот ќе го преира профилот на исчезнатото лице на „Најди ме“, тоа помага пошироката јавност да знае за исчезнувањето и да ѝ помогне на потрагата на полицијата.

На страницата „Најди ме“ последниот креиран профил на исчезнато лице е оној на Вања Ѓорчевска, која подоцна беше пронајдена мртва. Оттогаш нема нови пријави. Системот „Најди ме“ е направен по примерот на американскиот наречен Amber alert. Системот Amber Alert во САД е воспоставен во 1996 година откако 9-годишната Амбер Хагерман беше киднапирана додека возела велосипед во Арлингтон Тексас. Таа беше брутално убиена. Случајот во САД предизвика план за акција, за да се оптимизираат потрагите по исчезнати деца. И Македонија се приклучува на тие напори.

Проектната координаторка на „Најди ме“ Александра Радевска за „Слободен печат“ вели дека првиот чекор што се презема откако некој ќе креира профил е проверката во МВР. Таа вели дека системот е примарно воспоставен за алармирање за исчезнати деца, но приоритетот за алармирањето го одредува полицијата зависно од тоа дали животот на детето е под ризик. Во некои случаи, вели таа, побезбедно за животот на детето е да не се алармира. Принципот на кој работи „Амбер алерт“ во светот е според стандарди. Стандардите осигуруваат дека системот не се користи премногу често, бидејќи може да создаде и контраефект – јавноста да се десензибилизира. Сепак, се работи за доста корисна алатка за брзо пронаоѓање.

-Ако утврдиме дека лицето за кое е пополнета пријава е пријавено за исчезнато, тогаш профилот го објавуваме на нашата страница и на сите дигитални платформи (профилите на социјалните мрежи) кои ги имаме а кои се поврзани со системот за алармирање. Веќе воспоставивме соработка со Комерцијална банка на чии банкомати, на нивните дигитални дисплеи ќе се појавува фотографија од лицето. Истото ќе се случува и во такси компаниите од групацијата на такси превозници на Град Скопје. Во автобусите на ЈСП на дисплеите ќе се појавува фотографијата и информацијата. Во соработка со ХОТАМ, здружението на хотелиери и ресторани, договорено е да имаат информации за исчезнатите, вели Радевска за „Слободен печат“.

Следејќи ги искуствата на другите земји кои имаат системи за предупредување за исчезнати деца, „Новинари за човекови права“ во соработка и под проектен менаџмент на ЕКПАТ Австрија, во земјава се одлучија да профункционира веб-страница.

-Постојат случаи во светот за деца кои ги нема подолг временски период, да бидат пронајдени. Било да се работи за лица со деменција, дали со некој хендикеп или болест, кои се дезориентирале во околината, се случува да бидат пронајдени подолг период откако исчезнале. Во моментот немаме активна „Амбер алерт“ потрага. Ова е алатка која помага да се прошири информацијата кон пошироката јавност и да се одржи информацијата во јавноста подолго време. Партнери може да бидат различни чинители, објаснува Радевска.

Во некои држави „Амбер Алерт“ е управувана од институциите (полицијата) во соработка со телекомуникациските компании, социјалните мрежи и други бизниси. Во други, пак, ја управуваат други општествени чинители, невладини организации во партнерство со јавните институции и со бизнисите како што е во Македонија.

-Функционалноста е добра во сите услови, бидејќи е алатка која помага за ширење на веродостојна информација за исчезнато лице, дали јавноста го видела. Во Австрија имаше случај, кога малолетници што исчезнале таму, после долги години се пронајдени во Европа. Некогаш и застарените „ладни случаи“ имаат успешна завршница, а успешноста е во смисла на тоа дека и после подолг временски период кога има исчезнато лице, семејството знае што се случило и не живее во неизвесност, вели Радевска.

Последната пријава што беше креирана во системот „Најди ме“ беше за 14-годишната Вања Ѓорчевска. Потоа нема ниту една пријава на сајтот. Сајтот е тестиран во смисла на техничката подготовка, а изминатите години вклучени биле и експерти од „Амбер Алерт“ Европа, претставници на МВР, на центрите за социјална работа, невладини организации што работат за заштита на децата и така натаму.

-Имавме посета на Австрија и на нивните институции, тоа ни помогна логистички да се подготвиме, но и да ја сензибилизираме јавноста. Последните месеци имаме понуди и од доста медиуми за соработка, па ќе се обидеме да ја прошириме мрежата на партнери. Се надевам дека поретко ќе го користиме системот, но дека кога ќе го користиме ќе биде успешно, додава Радевска.

„Најди ме – Систем за рано предупредување за исчезнати деца“ е воспоставен од Новинари за човекови права како дел од „Пилот -проектот за систем за рано предупредување за исчезнатите деца“ во Северна Македонија во соработка и под проектен менаџмент на ЕКПАТ Австрија, а со финансиска поддршка на Федералното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!