
Нафтените компании евакуираат дел од својот странски персонал во Ирак поради страв од проширување на конфликтот меѓу Иран и Израел
Три нафтени корпорации евакуираа дел од својот странски персонал што работи во Ирак, објави државната нафтена компанија Басра Оил Компани (БОЦ), додавајќи дека овие акции не влијаеле на процесот на производство во земјата, објави ДПА, пренесува БТА. Овој потег доаѓа поради стравувањата во регионот дека конфликтот меѓу Иран и Израел би можел да се прошири, особено по нападите на САД врз нуклеарните постројки на Техеран.
Препорачано
Францускиот енергетски гигант „Тотал Енерџис“ евакуираше 60 проценти од својот странски персонал, додека италијанската енергетска компанија „Ени“ го намали бројот на вработени од 260 странски вработени на 98, кои остануваат на терен, работејќи заедно со својот ирачки персонал. Британскиот енергетски гигант „БП“, исто така, привремено евакуираше дел од својот странски персонал на полето Румаила, соопшти компанијата „Басра Оил“, која управува со полињата во јужен Ирак.
Кинеските компании и руската „Лукоил“ сè уште не ги евакуирале своите вработени, соопшти ирачката државна нафтена компанија. Во април, Багдад извезе повеќе од 100 милиони барели нафта, според Министерството за нафта на земјата, што е еквивалентно на просек од 3,3 милиони барели дневно, произведени главно од полиња во јужен и централен Ирак. Ирак е петтиот најголем производител на нафта во светот, според Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). САД веќе го намалија својот дипломатски персонал и им дозволија на членовите на семејствата на дипломатите во Ирак, кој граничи со Иран, да ја напуштат земјата.