Рускиот претседател Владимир Путин во посета на фабрика за тенкови близу Москва / EPA-EFE/RAMIL SITDIKOV

Надеж за стабилизација или сигнал за слабеење? Пад на руските плати во воената индустрија

Платите во руската воена индустрија бележат прв пад од почетокот на инвазијата врз Украина. Според студија на „Новаја Газета Европа“, објавена од „Москва Тајмс“, заработката во одбранбениот сектор минатиот месец се намалила, иако просечните плати во остатокот од земјата продолжуваат да растат.

Анализирајќи речиси 600.000 огласи за работа од 1.200 воени компании на платформата за регрутирање hh.ru, „Новаја Газета Европа“ откри дека платите во одбранбениот сектор се намалиле за 10 проценти во август 2025 година во споредба со истиот месец во 2024 година.

Падот доаѓа откако беше забележан најголем раст на платите во првата година од војната, кога порастот на државните нарачки создаде недостиг на работна сила и со тоа ги зголеми приходите.

До 2025 година, економијата достигна „пресвртница“, според заменик-министерот за индустрија Василиј Осмаков. Фабриките повеќе не можеа да го прошират производството само со вработување нови работници и воведување прекувремена работа.

Ова забавување ги поткопува предупредувањата издадени од Државната Дума кон крајот на 2024 година за претстоен недостиг од 400.000 работници во одбранбената индустрија. До средината на 2025 година, повеќето фабрики се чини дека го достигнале својот максимален капацитет.

Податоците исто така покажуваат дека вработувањето во одбраната достигна врв во август 2022 година, кога секторот сочинуваше речиси 2% од сите отворени работни места.

Сепак, до летото 2025 година, одбранбените компании објавија само 34.500 слободни работни места за три месеци, што е значителен пад во споредба со 52.000 во истиот период претходната година. Дури и во јануари 2022 година, месецот пред инвазијата, вработеноста беше на повисоко ниво од денес.

Сепак, постои исклучок од овој тренд, а тоа се производителите на беспилотни летала и ракети. Според податоците од „Новаја Газета Европа“ и Американскиот институт за проучување на војната, приходите на производителите на беспилотни летала се зголемиле 2,5 пати од 2022 година, а нивните плати сè уште растат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот