
Над 40 странски македонисти ги унапредија своите знаења во областа на македонистиката на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ
Заврши Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) која беше организирана по повод 100 години од раѓањето на великанот Ацо Шопов.
Препорачано
Третата зимска школа овозможи над четириесет странски македонисти од четири континенти да ги унапредат своите знаења од областа на македонистиката и ги поттикна да продолжат со нивната посветеност. Поезијата на Ацо Шопов доби нови вреднувања, толкувања и преводи преку прочитот на странските македонисти од напреднатото рамниште.
На затворањето на Школата се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што беа претставени и учесниците од сите групи, од кои дел и се обратија, истакнувајќи ја својата решеност и натаму да се посветени на македонистиката.
Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на МСМЈЛК при УКИМ за афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот, како и на заложбите на странските македонисти и слависти. Во своето обраќање, таа, осврнувајќи се на значајноста на големиот јубилеј, ги нагласи и заложбите за активности кои ќе следат по Третата зимска школа, а се дел од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ која започна да се остварува со оваа традиционална активност на МСМЈЛК при УКИМ.
Проф. д-р Мојсова-Чепишевска ги цитираше стиховите на Ацо Шопов: „Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, / спокојот во нас ќе го ископаме: ќе го ископаме од искони!“
– Размислите за постигнатото со Третата зимска школа, овие стихови на великанот Ацо Шопов, како одново да се раѓаат, во нова форма и со некој нов, повеќезначен одглас – во нас, во сите оние кои на еден или друг начин бевме дел од неа. И тоа одново се раѓаат двоејќи се од темнината – онака како што пееше Шопов за раѓањето на зборот. Одново, во нас „ископавме“ исконски спокој, бидејќи преку оваа Школа, уште еднаш се потврди дека и во времето што е пред нас, македонскиот јазик, литература и култура, силно ќе одекнуваат низ светот, а со нив и вистината за нашата татковина. Оти има посветеници кои се вложувааат и се подготвени и во годините што следат да се вложуваат во странската македонистика, истакна Мојсова-Чепишевска.
На настанот, од името на семејството на Ацо Шопов се обрати неговата ќерка, Јасмина Шопова, која упати благодарност до МСМЈЛК при УКИМ и до учесниците на Школата за залагањата за натамошни вреднувања и афирмација на неговото творештво во меѓународни рамки.
По Третата зимска школа, како што е веќе соопштено, МСМЈЛК при УКИМ планира и други активности посветени на Шопов во текот на оваа година, од кои дел веќе се опфатени во националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.