Горан Марковски / Фото: Независни заедно

На Скопје му требаат безбедни и функционални мостови, а не препукувања, порача Марковски

Независниот кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, професорот Горан Марковски на денешната прес-конференција рече дека на Скопје му требаат функционални и безбедни мостови, кои ќе функционираат и ќе придонесуваат кон растеретување на сообраќајот во главниот град.

Тој денеска зборуваше пред мостот „Љубљанска“, кој е на територија на општина Карпош, а чиј проектант е токму професорот Марковски.

Меѓудругото тој истакна дека мостот не е пуштен во употреба, не функционира затоа што властите се конфронтираат меѓусебно во врска со еден дел од мостот во должина од 5 метри, кој треба да се доврши, но градот и општината ја префрлуваат надлежноста од еден на друг.

„Мојата визија за Скопје е град со значително поголема безбедност во сообраќајот, каде што ќе се мапираат сите критични точки и ќе се постави поголема сигнализација. Сепак, планираме и дестимулирање на возењето на автомобили. Јавниот транспорт и алтернативните превозни средства мора да станат наше секојдневие“, истакна Марковски.

Тој ја започна својата прес – конференција во „5 до 12“, затоа што, според него, алармот за Скопје е вклучен. Тој ги повика сите граѓани на 19 октомври да гласаат за бројот 128 за градоначалник и 39 за листата советници во Град Скопје предводена од Јана Белчева Андреевска, со цел да престанат лошите пракси и грубата партизација на градот и јавните претпријатија.

„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини-„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот