Фото: Слободен печат, Драган Митрески

На пациентите им издале погрешни ортопедски помагала, ФЗОМ тужи фирми за 66 милиони денари

Фондот за здравство се јавува како тужител во 9 судски постапки со вкупна вредност од 67 милиони 996 илјади денари од кои речиси сите се поврзани со правни лица, ортопедски куќи за испорачани несоодветни помагала, се открива во најновиот ревизорски извештај за работат на ФЗОМ кој се однесува на 2023 година. За какви ортопедски помагала се работи, до каде се судските постапки и дали пациентите уште ги добиваат овие ортопедски помагала се прашањата што „Слободен печат“ му ги упати на Фондот.

Ве информираме дека Фондот за здравствено осигурување,постапувајќи по сопствени сознанија и извршен внатрешен надзор, утврди неправилности и злоупотреби од страна на повеќе правни лица – ортопедски куќи, кои на штета на Фондот и на товар на средствата на задолжителното здравствено осигурување, издавале несоодветни ортопедски помагала, ни рекоа оттаму.

Конкретно, во најголем дел од случаите, како што информираат од ФЗОМ наместо одобрено ортопедско помагало – надколен пластичен апарат со зглоб во колено и скочен зглоб, биле издавани надколени пластични апарати со зглоб во колк и лумбален појас, при што е извршено надфактурирање и е предизвикана финансиска штета на Фондот во висина од 66 милиони 996 илјади денари.

На тој начин, со манипулација на прописите и процедурите, е остварена противправна имотна корист од страна на дел од ортопедските куќи, при што во повеќе случаи осигурениците не биле соодветно информирани или биле доведени во заблуда. Фондот заради надоместување на штетата поведе 5 судски постапки пред надлежните судови, кои се наоѓаат во различна фаза на постапување, велат од ФЗОМ за „Слободен печат“. 

Покрај тоа, Фондот постапувајќи согласно своите законски надлежности, поднел и кривични пријави до надлежните институции против сите правни лица за кои се утврдени злоупотреби. Пријавите се прифатени, процесуирани и Фондот очекува дека правдата ќе биде задоволена и дека ќе биде потврдена нивната основаност.

Во однос на прашањето дали осигурениците ги добиле помагалата – во најголем број случаи помагалата биле физички испорачани, но не секогаш согласно спецификациите и индикациите пропишани во здравствената документација. Затоа, спорноста не се однесува само на вредноста, туку и на соодветноста и корисноста на помагалата за конкретните здравствени состојби на осигурениците. Фондот продолжува со засилени контроли и превентивни мерки со цел спречување на вакви појави во иднина и целосна заштита на јавните средства и интересите на осигурениците, информираат од ФЗОМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот