
На невестата не ѝ треба безбедносен појас
Македонија не смее да си дозволи да ги нормализира аномалиите. Ако сакаме европски вредности, тие не почнуваат со фондови и бирократија, туку со основна одговорност.
„Традицијата е факелот што го пренесуваме, а не пепелта што ја чуваме“, напишал композиторот Густав Малер. Но тука, на Балканот, често се чини дека ја чуваме токму пепелта, дури и кога таа го гуши здравиот разум.
Државата, педантна во статистиката на изречени казни и ентузијастична во создавање нови регулативи, чудесно ослепува кога законот се судира со „светото право на прослава“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во земја каде што сообраќајните несреќи редовно ги полнат црните хроники, прашањето за безбедноста на патиштата не е ни луксуз, ни апстракција. Тоа е прашање на живот и смрт. Но токму таму, каде што одговорноста би требало да е највисока, традицијата понекогаш станува алиби за беззаконие, онаа традиција која се одликува со автомобили кои летаат со 80 километри на час низ градските улици, од хаубите мавтаат луѓе со знамиња, од прозорците висат малолетници без појаси, свиркајќи, чиниш доаѓа кралска гарда. Полицијата отспротива и предност некогаш им дава, па се чудам дали законот за носење безбедносни појаси важи само за нас „обичните смртници“? Кој е критериумот по кој се прават исклучоци? Институцијата што по дефиниција е задолжена за ред, наместо да го штити, зазема позиција на набљудувач.
Деновите кога најбезбедно се чувствувавме покрај нив одамна заминаа; денес нивното присуство ретко носи сигурност. Се чудиш кој е корумпиран, а кој е само рамнодушен. Таа рамнодушност е административен пропуст и порака дека правилата се релативни. Ако тие што треба да бидат гарант на јавната безбедност, со својата униформа и службена кола како симболи на законот, не ги почитуваат правилата, тогаш секое нивно премолчено прекршување станува дупло погласно. Циничната асиметрија која нѝ демне над глава е чуварот на редот кој го игнорира редот.
Од најрана возраст сме воспитувани да ги негуваме обичаите и да ја почитуваме свадбата како возвишен чин на љубов и семејна чест, но каква вредност има онаа традиција која се тетерави на границата помеѓу прослава и анархија? Чии верски вредности се оние кои се потпираат на хаос и ја загрозуваат безбедноста?
Свадбената колона е токму таква зона на недопирливост: поворка во која хаосот станува обред, а непочитувањето на правилата, обичај.
Социологот Пјер Бурдје зборува за „симболичен капитал“ кој е нематеријален, но пресилен облик на моќ, кој се демонстрира преку гестови, углед и признание. Тој капитал не се стекнува само преку економска моќ, туку преку културни и социјални практики што се користат за испраќање порака за статус. Свадбените колони во Македонија, особено оние бесните и театрални, се типичен пример за таква манифестација. Таа демонстрацијата на „ми се може“ не се однесува само на пари, туку на способноста да се наметне моментален авторитет, привилегија и импровизиран поредок на улицата. Парадоксот е што овој вид капитал може да биде краткотраен и илузорен. Овие сцени повеќе ми личат како да го слават привидното гламурозно, отколку љубовта. Колку е поголема галамата, толку е поголем и „симболичниот капитал“, иако реалниот капитал, оној во банка, е минусен. Ех, статусот, скапо се наплаќа, почитта уште поскапо.
Македонија не смее да си дозволи да ги нормализира аномалиите. Ако сакаме европски вредности, тие не почнуваат со фондови и бирократија, туку со основна одговорност. Па така, редицата на скапи автомобили – уништувачи на попладневната дремка, продолжуваат да летаат по улиците со обесени знамиња, дали македонски, дали албански, некогаш и политички симболи, и меѓусебно се натпреваруваат кој погласно ќе свирне.
„Што има врска? Нека си се радуваат“. Радоста не би требало да се мери во тоа кој колкава врева ќе направи. Ова е повеќе критика на бинарниот код што ни е вграден во општеството. Сè додека трагедијата е само замислена, удобно ни е да гледаме на другата страна. Кога ќе се случи, ќе ја активираме нашата национална реторика на неверување: „Како можело да се дозволи ова?“
Свадбите може да останат убави, весели, семејни и традиционални без да претставуваат подвижни закани за јавната безбедност. За тоа се потребни две нешта: институционална доследност и општествена самосвест. Првиот услов значи законот да важи за сите, без оглед на поводот. Вториот – да се признае дека достоинството на бракот се мери во начинот на кој се живее, а не во начинот на кој се парадира.
(Авторката е студентка во Нова Горица, Словенија и практикантка во „Слободен печат“)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“