Скопје, Камени мост/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На Македонецот му требаат два и кусур века за да стане милионер

Студијата на компанијата за интернет-трговија „Пикоди“ која ја користи просечната плата како „мерна единица“, открива колосални разлики меѓу земјите во светот

На просечниот Македонец ќе му требаат два века и кусур (201 година и 6 месеци) за да стане милионер во евра. Зад нас се Албанците, Турците, Аргентинците, а нешто пред нас – Србите, Црногорците и Романците.

Студијата на компанијата за интернет-трговија „Пикоди“ која ја користи просечната плата како „мерна единица“, открива колосални разлики меѓу земјите во светот.

Податоците за просечна плата се земени од порталот „Нумбео“, каде што илјадници корисници од целиот свет доставуваат информации со пополнување месечни прашалници. За споредба, локалните валути се конвертирани во евра по просечниот девизен курс на Гугл Финанце за март 2023 година. Според тоа, излегува дека просечниот Американец хипотетички може да стане милионер по 21 година работа, на Германецот ќе му требаат речиси 31 година, на Полјакот – 83 години. И два живота нема да им бидат доволни на бугарските граѓани – просечната плата кај нашиот источен сосед е таква што мора да се акумулира 114 години за да достигне седумцифрена сума во евра.

– Пресметките и споредбите се сосема условени, бидејќи на крајот на краиштата, никој не ја штеди целата своја плата – секој ја троши на храна, сметки за домаќинството, облека, лекови, образование, одмор и забава итн., а сите овие трошоци имаат различна тежина во одделни земји. Но, без сомнение во богатите земји човек може побрзо да стане милионер поради високиот приход – анализира бугарскиот портал „Сегабгњус“.

Ако се направи споредба со обичниот Швајцарец, кој може да заработи 1 милион евра за само 15 години, нашата ситуација не е воопшто розова. За споредба, во Нигерија, Уганда, Египет и Пакистан, кои се на дното на рангирањето, просечната плата е толку ниска што потребни се пет до шест века за да се заработи 1 милион евра. Така, на пример, просечниот Турчин би требало да работи 215 години за хипотетички да го заработи својот прв милион. И Србите и Русите се далеку од 1 милион евра – со нивните просечни плати акумулација на седумцифрена сума е можна за околу век и половина.

Сепак и кај нас има граѓани што многу побрзо и полесно стануваат милионери. За потсетување, даночните пријави што поминаа низ системот на Управата за јавни приходи покажаа дека најмладиот милионер во Македонија во 2021 година имал осум години. Директорката на управата за јавни, Сања Лукаревска, на крајот на февруари соопшти резултатите од анализата на годишните даночни пријави за 2021 година.

– Во категоријата најмлад и највозрасен милионер, лице што во 2021 година било на 8-годишна возраст остварило доход од 1.020.508 денари по основ на семејна пензија, а лице на 96 години остварило доход во износ од 1,2 милион денари. Кај двете лица најголемиот приход е остварен по основ на пензија – рече директорката Лукаревска.

Инаку, на врвот на списокот со пријавен годишен бруто-доход од 244,2 милиони денари за 2021 година е граѓанин од Скопје, најголем дел од примања е од плата и дополнителни примања од странство по основ на други лични примања.

На почетокот на 2023 година, на списокот на српскиот магазин „Недељник“ со 100 најбогати луѓе во регионот се најдоа седуммина македонски бизнисмени, од кои највисоко котира Илија Гечев од „ИГМ трејд“. Тој е на 18. место на списокот со проценето богатство од 1,054 милијарди евра. Вкупно, богатството на овие седуммина Македонци, српскиот магазин го процени на 3,26 милијарди евра.

На 38. место на списокот на „Недељник“ е Живко Мукаетов од „Алкалоид“ (651.330.600 евра), додека на 45. место е Андреа Јосифовски од „Макпетрол“ (565.501.055 евра). Потоа следуваат: Гоце Камчев од „КАМ“, Страшо Милковски од „Гранит“, Слободан Кутревски од „Пекабеско“ и Владимир Тодоровиќ од „Тинекс“. „Недељник“ го составил списокот на 100-те најбогати луѓе во регионот во соработка со две реномирани консултантски фирми што работат на њујоршката берза. Сепак, весникот информира дека списокот не покажува колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат ако ги продадат денес. „Недељник“ исто така заклучи дека списокот покажува дека и натаму важи некогашната југословенска поделба на развиени и неразвиени, бидејќи економиите на Црна Гора, БиХ и на Македонија се далеку зад оние на Хрватска, Србија и Словенија. Нееднаквоста е најизразена во Црна Гора, каде што имотот на петтемина најбогати вреди 1,7 милијарди евра, што е 35,4 отсто од БДП, додека во Македонија ова изнесува 23,9 отсто од БДП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот