
МВР било под контрола на СДСМ и ДУИ кога се случи „крвавиот упад“ во Собрание, тврди адвокат на еден од амнестираните организатори
Јавниот обвинител да истражи кои се вистинските организатори, бидејќи поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски немаа никаква, изјави Јордан Апостолски, адвокат на Атанасовски откако судот донесе одлука да го прифати барањето и за обвинетите организатори да важи Законот за амнестија.
Препорачано
На прашањето, кои се според него вистинските организатори на „крвавиот упад“ во Собрание што се случи на 27 април 2017 година, според Апостолски, Министерството за внатрешни работи не си ја извршувало својата задача, а било под контрола на коалицијата СДСМ-ДУИ.
На новинарска констатација дека дали тоа значи дека СДСМ и ДУИ организирале група да ги тепа нивните пратеници во Собрание, Апостолски остана на ставот дека треба да се испита тогашниот однос на сите партии во тогашната влада.
-Според нас и изведените докази, може да се утврди дека во тогашното време во тие настани, МВР не си ја извршуваше својата задача кое беше под влијание и под контрола на коалицијата СДСМ-ДУИ. Технички министер беше Оливер Спасовски. Не беше Гордана Јанкулоска. Заменик-министер за внатрешни работи беше од ДУИ. Треба да се испита односот на сите партии во тогашната Влада. МВР во тогашното време не си ја исполни задачата. Нашите обвинети немаат никаква вина и допирна точка, рече Апостолски.
За време на упадот во Собрание министер во тогашната техничка влада всушност беше Агим Нухиу од ДУИ, но директор на Бирото за јавна безбедност беше, Митко Чавков кој беше осуден на највисока затворска казна за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Откако Обвинителството даде позитивно мислење дека за обвинетите за организирање на упадот во Собрание важи Законот за амнестија, но не и за директорот Атанасовски, Судот денеска ги ослободи сите четворица. Судијата во својот вовед за пресудата порача дека иако обвинетите се амнестирани, тие не докажале дека не се организатори на упадот туку побарале милост од државата.