
Мутибариќ треба да добие помош од АМС, ФФМ и од други институции
Фудбалската легенда која е делумно парализирана по мозочниот удар, денес добила посета од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, директорот на АМС Наумче Мојсовски и двајца советници на премиерот Зоран Заев. Помош ветиле и ФФМ и бизнисменот Костовски
Фудбалската легенда Драган Мутибариќ, кој е делумно парализиран по мозочниот удар, треба да добие помош од Агенцијата за млади и спорт и од Фудбалската федерација на Македонија. Откако ќе ги поднесе потребните документи во АМС, Мутибариќ ќе може да добие еднократна помош чиј износ дополнително ќе се утврди. Според директорот на ова владино тело Наумче Мојсовски, ќе се започне со постапка и за зголемување на неговата пензија.
Препорачано
– Потребните докумети ќе бидат донесени в понеделник во АМС и ќе почне постапка и за еднократна помош и да се вметне во системот за повеќенаменско месечно примање, со што значително би му се зголемила пензијата – ни изјави Наумче Мојсовски, директор на АМС. Тој денеска го посети Мутибариќ во неговиот дом во скопската населба Лисиче. Дознаваме дека во исто време Мутибариќ, кој е врзан за постела, во неговиот дом го посетиле и градоначалникот Петре Шилегов и двајца советници на премиерот Зоран Заев, односно Ѓорѓи Тасев (спорт) и Милан Живковиќ (социјална политика).
Денеска и Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ја разгледал тешката положба на легендарниот спортист. Од ФФМ дознаваме дека УО решил да му помогне на Мутибариќ во најскоро можно време со еднократна финансиска помош, а потоа да му помогне и повторно, ако за тоа има потреба.
Како што дознаваме од домот на Мутибариќ, помош ветил и бизнисменот Трифун Костовски, кој обезбедил престој за легендата, две недели во Негорски Бањи, како рехабилитација од мозочниот удар.
Мутибариќ живее со сопругата и има мала пензија 13.500 денари, која не е доволна за скапите лекарства и за одржување на домаќинството. Тој доживеа мозочен удар пред околу три недели, а по престојот во болница беше пуштен дома. Ни се пожали дека сите го заборавиле, а ситуацијата му е очајна. Но по текстот во нашиот медиум реагираат многумина, од институции до обични граѓани, кои сакаат да му помогнат на познатиот спортист.
– Ситуацијата сега многу ни се поправи – ни кажа неговата сопруга Милица, која го негува.