Соборен храм Свети Климент Охридски / Фото: Слободен печат.

МПЦ-ОА и фирма од дијаспората заеднички ќе произведуваат струја

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и австралиската компанија „Пела глобал лимитед“, од Перт, почнаа бизнис-соработка преку фирма што заеднички ја основаа, пишува „Призма“.

Според податоците во Централниот регистар, дејноста на фирмата „Константин енерџи“, основана со паричен влог од 5.000 евра, е производство на енергија од обновливи извори. Нејзин директор е Aвстралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. Тој е еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа.

Во кратката биографија за Јовановски пишува дека течно говори македонски, член е на дијаспората и клучен за успехот на „Пела глобал лимитед“ како нејзин основач и извршен директор уште од нејзиното основање. На веб-страницата на компанијата-мајка од Австралија „Пела глобал лимитед“ пишува дека таа има стратегија да го унапредува и развива проектот за рестартирање на рудникот за антимон во Крстов Дол кај Крива Паланка и проектот за барање злато кај кривопаланечкото село Луке.

Ова не е првпат како МПЦ-ОА инвестира во енергетскиот сектор. Во 2020 година црквата заедно со три физички лица и друштвото „Мелничко-пекарска индустрија Жито Караорман“, ја основаа хидроцентралата „Драгов дол“ од Кичево.

Две години подоцна, во 2022, МПЦ-ОА влезе како содружник во фирмата „Тринити солар“, која исто така е регистрирана за производство на струја.

Покрај бизнисот со струја, најголемата верска заедница во Македонија, заедно со „Мега фешн“ ја основаа фирмата „Обновители“, со која ги градат новите згради спроти хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.

Базата на БИРН „Верски имоти под лупа“, покрај регистрираниот верски имот, откри дека МПЦ-ОА, освен храмови и манастири, поседува и завидна бројка станови, деловни простории, обработливи површини и туристички капацитети. Некои од нив ѝ носат заработувачка од закуп, потсетува „Призма“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот