Моника Ристеска: Татко ми ме претепа зашто бев да земам чипс од шкафчето во кујна

Од МВР ни рекоа дека случајот е пријавен кај нив, дека таткото е лишен од слобода и дека, покрај Моника, била нападната и нејзината мајка.

Моника Ристеска или позната како Конопова, активистка за легализација на марихуаната која одлежа и затворска казна поради тоа што и беше пронајдена марихуана, тврди дека синоќа била жртва на семејно насилство, односно дека нејзиниот татко ја нападнал и брутално ја истепал без причина. Таа утринава во изјава за ,,Слободен печат” рече дека е во болница, на Клинички центар, на одделот за уво нос и грло. Конопова тврди дека татко и ја тепал 20 минути во кујната, затоа што отишла да си земе чипс од долапот за храна и без никаква конкретна причина.

– Ми се јадеше нешто солено, чипс и отидов до шкафчето да земам, кога тој се појави. Ми рече што си оставила ти таму, за да земеш. Јас го изигнорирав, меѓутоа тој стана агресивен и 20 минути ме тепаше, ми го скрши носот, имам фрактури на носот, треба да одам и на снимање на главата зашто имам страшни главоболки и стравувам дека имам некој потрес на мозокот. Го удираше дрвеното столче од мојата глава цело време, 20 минути не ме пушти. Столчето не се распадна зашто имам цврста глава – ни рече Ристеска.

Конопова додава дека вчера вечерта настанот го пријавила во полиција, меѓутоа дека не и е првпат да го пријавува татка си за насилство. Тепањето се случило меѓу 8 и 9 часот вечерта.

– И пред три четири години го пријавив за истото и не ја повлеков пријавата. Но, нема епилог од тоа. За синоќа, на масата имаше нож, среќа што не заврши во мене. Мене ми е многу страв. Немам каде да живеам, и онака во животот имам претрпено и преживеано многу страдања, дури и едно време живеев и се хранев со бездомници во црква. Носот ми е скршен на повеќе места, операција треба да ми биде направена оваа недела, зашто не било итно. Тој е задржан во станица 24 часа, но после тоа не знам што ќе правам. Ми рекоа дека ќе ме упатат и на психијатар, за да имам документација за тужбата што ќе му ја подготвам – ни рече таа.

Јавноста беше шокирана од настанот откако Моника на својот Фејсбук профил објави експлицитни фотографии, на кои се гледа дека е расплакана, потечена и дека и тече млаз крв низ ноздрите. Таа тврди дека од ударите исто така и вилицата и е изместена.

Ристеска вели дека вчера требало да и биде среќен ден, зашто утрината ја инфомирале дека од први јуни почнува со работа.

– Но наместо тоа, ете како ми заврши денот, со полиција, со болници, со стрес, немам спиено цела ноќ и денеска денот ќе ми помине по доктори, рече Ристеска.

Од МВР ни рекоа дека случајот е пријавен кај нив, дека таткото е лишен од слобода и дека покрај Моника, била нападната и нејзината мајка.

„На 26.05.2020 во 22.30 часот на ул.„Антон Чехов“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р.(64) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело. Претходно, неговата ќерка М.Р.(31) од Скопје пријавила дека околу 20.30 часот во семејниот дом на ул.„Антон Чехов“, по претходна расправија, таа и нејзината мајка К.Р.(62) од Скопје биле физички нападнати од нејзиниот татко С.Р.(64) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од МВР.

Кристина Ристеска пак, мајка на Моника, тврди дека воопшто насилство врз неа нејзиниот сопруг не извршил и дека не може да го обвини човекот за ништо што не направил.

-Физичко насилство врз мене немало, тоа е измислица на ќерка ми. Нити ме тепаше мажот ми, немаше ни пријавено такво нешто. Не можам да го обвинувам човекот за нешто што не го направил, ни рече Кристина Ристеска, мајка на Моника.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот